Со поетското читање „Мостови” и врачување на наградитe, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци”, „Мостови на Струга” и „Млада Струга“ свечено се затворија 63-тите „Струшки вечери на поезијата“.

Свеченото затворање на манифестацијата и годинава традиционално се одржа на Мостот на поезијата и беше проследено со спектакуларен огномет.

Претседателката на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, му го врачи „Златниот венец“ на лауреатот, францускиот поет Жан Пјер Симеон.

Ако песната е срцето на животот што бие, Струга, во срцето на милениумската Европа, е срцето на поезијата што бие. И ако треба да изразам благодарност оваа вечер, тоа секако ќе биде за огромната чест што ми е направена, но, исто така и пред сè, во името на сите поети кон оние кои, во оваа природна песна од планини, шуми, езера – во Македонија, ја држат високо крената светилката на поезијата. Затоа, „Струшките вечери на поезијата“ се мугрите на срцето и на духот – изјави лауреатот Жан-Пјер Симеон.

Глигор Стојковски ѝ ја врачи наградата „Браќа Миладиновци“ на поетесата Катица Ќулавкова, за поетската збирка „Небото ми е дом“.

Наградата „Мостови на Струга” за најдобра дебитантска поетска збирка годинава ја понесе поетесата Катрин Пиц од Германија, за збирката „Вакви денови имало отсекогаш“, а наградата ѝ ја врачи директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски.

Наградата „Млада Струга“ ѝ беше врачена на поетасата Филипа Сара Попова за збирката „Скршен терариум“.

Манифестацијата продолжи со меѓународно поетско читање „Мостови“, на кое настапија бројни странски и македонски поети.

Фестивалот продолжува денеска, со настанот „Поезија на пат“, каде што поетите ќе се претстават во Домот на културата „Наум Наумовски Борче“ во Крушево (12 часот), а официјалното затворање ќе се случи на платото пред Музејот на современата уметност во Скопје со меѓународен поетски митинг (20:30 часот).

Мотото на годинашниот фестивал е „Допир на убавината“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.