Интерарт културниот центар во соработка и со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје, го започна проектот „Простор за разговор“ или „Dancing (Talking) Table“ со кој, преку уметнички активизам сака да ја подигне свеста за родовата еднаквост и ненасилство врз жените. Проектот се базира на вистински животни приказни, чии сценски рефлексии ќе бидат отсликани преку современ танцов перформанс. Директорот на Интерарт културен центар, Матеа Мијановиќ, кој го води проектот смета дека е важно да се постават прашања во однос на темата и јавно да се разговара за истата.

Преку овој проект сакам да го свртиме вниманието на јавноста кон овој горлив проблем, да создадеме едно похумано и по грижливо општество, во кое секој ќе го најде своето место и ќе може да живее без стеги и страв. Сакам преку уметнички активизам да допринесам во ослободување и поголемо социјализирање на општеството. Многу сум благодарна до сите учесници во проектот, до Швајцарската амбасада која го препозна и го поддржа проектот, како и до сите наши партнери во Скопје и низ градовите во земјава, каде ќе се одржуваат настаните на проектот, вели Рисима Рисимкин, која е една од водечките македонски кореографи и деканка на Филмската академија и Катедрата за современ танц при универзитет „Гоце Делчев“.

Проектот својот прв Простор за разговор ќе го има на 26 ноември во објектот на Националната галерија „Мала станица“, со цел да се одбележи светскиот ден на ненасилство врз жените. Со тоа почнува серијата настани на „ Dancing (Talking) Table “ во кој ќе биде изведен перформанс на темата, а потоа ќе има округла маса, на која ќе се дискутира за проблемите. Ќе бидат поканети, социолози, активисти други личности, кои ќе говорат за тоа каде сме и што треба понатаму да направиме во однос на социјалната положба и родовата еднаквост, воедно ќе се споделуваат искуствата. Проектот во тек на пролетта 2023 година, ќе патува низ десетина градови во земјава со цел да се поттикнат активностите и свесноста на што поголема територија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.