Со промоција на публикацијата „Прекарно за почетници“ се затвора меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“
Промоција на публикацијата „Прекарно за почетници“ ќе се одржи во националната галерија „Мала станица“ на 24 септември со почеток во 19 часот. Со овој настан се затвора меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“, којашто беше отворена на 3 септември, годинава.
Уредници на брошурата „Прекарно за почетници“ се Виолета Качакова и Ивана Васева, лектурата и преводот се на Невенка Николиќ, графичкиот дизајн и илустрациите се на Немања Трајковиќ, а продукцијата на „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ).
Оваа публикација „Прекарно за почетници“ се однесува на сите независни уметници, културни работници и оние што раководат со мали уметнички и културни субјекти, кои работат во сферата на субвенционираната култура, која има ограничени ресурси. Во оваа средина, индивидуализацијата и конкуренцијата се главните параметри на доминантниот капиталистичкиот начин на производство, кој е доминантен, а и институционалниот и вонинституционалниот сектор се потопени и потчинети на таа логика. Како резултат на тоа, преовладуваат лошите услови за работа, несигурноста на работата и недостатокот на социјална заштита. Публикацијата ги разгледува работничките права на независните уметници и културните работници, како и напорите за подобрување на нивните услови. Ги истражува овие прашања во поширок контекст на културните политики на земјата, кои ги обликуваат севкупните работни услови во вонинституционалниот културен сектор – објаснуваат организаторите.
Промовирана ќе биде и публикацијата „Острови на сродство: Колективен прирачник за инклузивни и одржливи уметнички институции“, која е резултат на двегодишна соработка во рамките на платформата „Острови на сродство“ (Islands of Kinship), која поврзува шест визуелни уметнички институции од различни региони во Европа (Прага, Братислава, Битола/Скопје, Келн, Хелсинки, Рига).
Во оваа публикација група куратори, уметници и експерти, вклучени во нивните организации како координатори за инклузија и одржливост, размислуваат за социјалната и еколошката одговорност во уметничката и институционалната практика од теоретски, политички и практични перспективи. Публикацијата содржи и уметнички проекти што беа претставени на изложби и јавни програми во рамките на „Острови на сродството, велат организаторите.
Со промоциите се затвора меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“ на која заземат учество десетина уметници од европската и балканската уметничка сцена: селма баниќ, Ленка Ѓоројевиќ и Матеј Ступица, „Хевит колектив“, Лукаш Хофман, Барбора Клајнхамплова, Доротеј Нешовски, Данило Прњат, Павла Сцеранкова, Јижи Скала, „Стонителерс“.
„Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“ е во рамки на „19. АКТО фестивал за современи уметности“. Изложбата е поддржана и од Националната стратегија за ревитализација на Чешка (Chech recovery plan).
Досега „АКТО“ одржа целодневен музички настан „Градот ме тера да пеам“ во Битола во партнерска соработка со платформата „СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ“; серијата на мурали низ Македонија, односно на Националната установа Центар за култура „Кочо Рацин“ во Кичево, на објектот на Националната установа Центар за Култура (НУЦК) „Марко Цепенков“ во Прилеп и два мурали на зградите на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов во Скопје; и меѓународната изложба и јавна програма „Куќата што се распаѓа“ во Музеј на Македонија во рамките на проектот „Не сакаме да бидеме ѕвезди (туку дел од соѕвездијата)“.
До крајот на годината во рамки на фестивалот „АКТО“ предвидени се уште неколку настани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.