Со проекција на „Носферату, симфонија на стравот“, филм на Фридрих Вилхелм Мурнау од 1922 година, во музичка придружба на Џијан Емин, в среда, на 31 август  во 20 часот, во летното кино „Мирно лето“, Кинотеката го почнува годинешното издание на Фестивалот на нем и класичен филм, што ќе трае до 7 септември.

Во 14 термини ќе бидат презентирани три филма на типичниот претставник на германскиот експресионизам, Мурнау, два со Бастер Китон – „човекот со каменото лице што го засмејуваше светот“ од ерата на немиот филм, мини-циклус на Рајнер Вернер Фасбиндер, по еден филм на француските авторски ведети Луј Мал и Клод Соте, како и домашното документарно наследство – „Филмски новости“ (1945-1948). На последната вечер на фестивалот, во летното кино ќе бидат прикажани три етнолошки филмови во чест на проф. д-р Вера Кличкова, по повод 111 години од нејзиното раѓање. Проекцијата на филмовите „Русалиски обичаи во Гевгелиско“, „Велигденски обичаи“ и „Мариовска свадба“ е дел од проектот „Сезона на филмски класици“ на Асоцијацијата на европски кинотеки, со чија финансиска помош истите беа дигитализирани и дигитално реставрирани.

Освен „Носферату“, ќе ги видиме и филмовите „Фауст“ и „Патување во ноќта“ на Мурнау. Можеби ќе звучи како интересна паралела што актерот Вилхелм Дитерле, кој во филмот „Фауст“ го игра братот на Гречен – Валентин, во 30-тите години од минатиот век емигрирал во САД и направил светска кариера како режисер и актер под името Вилијам Дитерле. Во богатата кариера го режирал и „Дубровски“ (1959; според истоимената новела на Александар С. Пушкин за руската варијанта на Робин Худ) под оригиналниот наслов „Одмаздникот“ како копродукција меѓу „Вардар филм – Скопје“ од Македонија и „Хеспериа филм – Рома“ од Италија. Во него, покрај актерите Џон Форсајт (за нашата публика најпознат по главната улога во некогаш мега-популарната ТВ-серија „Династија“), Росана Скиафино, Пол Далке и Мерио Бернарди во главните улоги, играат и Илија Џувалековски, Драгомир Фелба, Дара Милошевиќ, Јован Јаниќиевиќ, Божидар Дрниќ, а во екипата на филмот учествувале и Ацо Петровски како директор на филмот, костимографката Мира Глишиќ, асистентите на режија Александар Ѓурчинов, Кочо Недков и Миомир Мики Стаменковиќ, потоа асистент снимател Љубе Петковски, асистент на сценографија Диме Шумка и организаторот на снимање Ристо Теофиловски-Риџвеј.

Интересно е и дека на аудицијата за главната женска улога била одбиена Лени Рифенштал, подоцна успешна актерка, а уште попозната како режисерка на пропагандните документарни филмови од периодот на нацистичка Германија, од кои најпознати и се „Триумф на волјата“ и „Олимпија“.

Фасбиндер пак, во својот краток и бурен живот (1945-1982) снимил 30 филма за 12 години. Овој вљубеник во холивудските мелодрами на Даглас Сирк, во раната младост ќе ја „размрда“ германската и европската кинематографија со своите бескомпромисни филмови. За ова издание на Фестивалот на нем и класичен филм, од неговата исклучителна филмографија селектирани се филмовите „Лили Марлен“, „Бракот на Марија Браун“, „Ефи Брист“, „Копнежот на Вероника Фос“ и „Марта“.

Фестивалот е во организација на Кинотеката и Кино – Балкан.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.