На 11 мај (СРЕДА), со почеток во 21 часот во рамките на „Антологија на српскиот филм“ во Кинотеката на Македонија ќе биде прикажан култниот „Давител против давителот“ (Davitelj protiv davitelja / Strangler vs. Strangler), со што и официјално се заокружува програмата на оваа манифестација.

Главниот лик во филмот, Пера Митиќ (Начиќ) е уличен продавач на цвеќе. Живее беден и неисполнет живот во запуштениот стан со неговата стара мајка (Ферари). Пера започнува да убива млади девојки, давејќи ги со раце. Полицијата предводена од инспекторот Страхињиќ (Симиќ) започнува истрага за злосторствата, гонејќи го серискиот убиец. Самобендисаниот рок-музичар Спиридон (Шапер), припадник на „старобелградска“ граѓанска класа, мисли дека е телепатски поврзан со полицијата, а во приказната е вплетена и темпераментната радио-водителка Софија (Савиќ)…

Ташко Начиќ во улогата на давителот Пера стекна статус меѓу филмофилите. Делува како куриозитет што ова е неговата прва главна улога на филм, иако Начиќ е еден од најблагородните епизодисти во српската кинематографија. Тој има забележителна епизода и во македонската црна комедија ВИКЕНД НА МРТОВЦИ (1988) на Коле Ангеловски и една од култните реплики: „Сите ќе умрете!“.

Со ДАВИТЕЛ ПРОТИВ ДАВИТЕЛОТ режисерот му се враќа на жанрот црна комедија како во неговите прва два филма КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ (Ko to tamo peva) и МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ (Maratonci trče počasni krug). Сценариото за овој филм Шијан го работи со Небојша Пајкиќ (Nebojša Pajkić), филмски критичар и сценарист, подоцна професор по монтажа на филмската академија во Белград.

Во секој случај, и овој четврти наслов во филмографијата на Шијан е полн со омажи на саканите жанрови, автори и филмови од светската кинематографија, со референци на насловите за сериски убијци од класичната и современата ера, како ПСИХО (Psiho) на Алфред Хичкок (Alfred Hitchcock). Но, и со автореференци: ликот Спиридон е фронтмен на бендот ВИС „Симболи“, што несомнено асоцира на самиот Шапер и ВИС „Идоли“. Токму „Идоли“ ја компонирале песната „Бејби“ за филмот.

На филмскиот фестивал во Пула филмот на Шијан освои „Златни арени“ за најдобра сценографија и звук, а филмот беше дел од натпреварувачката конкуренција на филмскиот фестивал во Чикаго (САД).

Игран филм, Србија

1984, 93 мин., колор, ДЦП

Режија: Слободан Шијан (Slobodan Šijan)

Сценарио: Небојша Пајкиќ, Слободан Шијан (Nebojša Pajkić, Slobodan Šijan)

Улоги: Ташко Начиќ, Никола Симиќ, Срѓан Шапер, Рахела Ферари, Соња Савиќ (Taško NačićNikola SimićSrđan SaperRahela FerariSonja Savić)

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.