Со отворањето на изложбата на писателката Дубравка Угрешиќ, „Црвеното училиште“, на 26 април, (петок) со почеток во 19:30 часот, во КСП Центар – Јадро почнува деветтото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, во организација на Контрапункт.

На отворањето на изложбата ќе говорат Маја Бојаџиевска и Петар Милат.

КРИК 09, годинава се одржува во тематската рамка „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“.

Изложбата се реализира со пријателската поддршка на MAMA Zagreb (Мултимедијалниот институт од Загреб), во соработка со Контрапункт.

На почетокот на војната во Југославија, во рацете на Дубравка Угрешиќ случајно се нашол еден учебник, која според годината на издавање лесно би можел да биде и нејзин. Пред писателката одненадеж искрснале два света – дамнешен, заборавен свет на учебникот – книгата за почетници, кој ветувал среќна иднина, и другиот, стварниот, кој таа иднина брутално ја оспорувал.

Таа епизода ја поттикнала Дубравка Угрешиќ на собирање на учебници, а резултира со низа дела и текстови кои се претставени на оваа изложба.

Дубравка Угрешиќ (1949 – 2023) е авторка на книгите „Поза за проза“, „Штефица Цек во челустите на животот“, „Животот е бајка“, „Форсирање на романот-река“, „Музеј на безусловното предавство“, „Забрането читање“, „Министерство на болката“, „Никого нема дома“, „Тука нема ништо!“, „Нарилник за вештерки“. Живееше и работеше во Амстердам.

Изложбата се реализира во рамките на проектот „Периферни погледи“ (Periferal visions), соработнички проект на European Institute for Progressive Cultural Policies (Виена), Контрапункт (Скопје), kuda.org (Нови Сад), Културтрегер (Загреб), Маска (Љубљана), Мултимедијален институт (Загреб), а кофинансирано е од средствата на Европска унија – Креативна Европа.
Проектот е поддржан и од Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска, Канцеларијата за здруженија на граѓани на Владата на Република Хрватска и Град Загреб.
КРИК Фестивал 09 е поддржан од AICS Tirana во рамките на „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), проект финансиран од Европската Унија кој има за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.