Со претставата „Едвард Втори“, копродукциски проект на Театарот „Јордан Х.К. Џинот“ од Велес и Драмски Театар Н.О. Масалитинов, Пловдив, Бугарија, вечерва, на 28 јуни, во 20 часот, во Битола стартува јубилејното десетто издание на меѓународниот Шекспир фестивал.

„Месечината јасно свети, во ноќ како оваа“ е мотото на годинешното издание на Фестивалот кој ќе трае до 2 јули.

„’Едвард Втори’ е производ на драматуршкиот ‘римејк’ на режисерот Андриј Жолдак и драматургот Сашо Димоски на класичната драма на Кристофер Марлоу, со поп-артовска посвета на физичкиот театар, а во поголемиот дел од дејствието кокетирајќи со разни жанрови, во прв ред крими-трилерот. Стеснета и дизајнирана во минималистички стил, сцената го потенцира чувството на нелагодност: затоа ликовите манијакално се удираат во ѕидовите, не наоѓајќи го излезот. Претставата не е наменета за лица помлади од 16 години“, посочуваат од Битола Шекспир фестивал.

В сабота, на 29 јуни (20 часот) ќе бидат прикажани две претстави „Хамлет – Денот на убиствата”, според пиесата на Бернар – Мари Колтес, во режија на Марјан Неќак, на Битолски театар, која минатата недела ја доби наградата за најдобра претстава на Интернационалниот Фестивал „Инфант“ во Нови Сад,  Србија. Во 21.30 часот е „Цезар” во режија на Сибел Абдиу, и во изведба на Катс Шахне театар од Истанбул, Турција.

Претставата „Отело” на ИмПерфект Денсерс Компани од Италија е на 30. јуни (20 часот), а на први јули е „Бура” (20 часот), претстава на „Марко Цепенков“ од Прилеп.

Фестивалот се затвора на втори јули (20 ч.), со претставата “Ромео и Јулија”, во продукција на Народен театар Тоша Јовановиќ од Зрењанин, Србија.

-Материјалниот свет може да исчезне, вредностите, идеите и емоциите кои Шекспир ги претставува во своите дела се толку длабоки и универзални што можат повторно да го изградат човечкиот дух и култура. Токму затоа, делата на Вилијам Шекспир се испратени во вселената. Во 2010 година, како дел од програмата Lunar Reconnaissance Orbiter” (LRO) на NASA, дигитална копија од делата на Шекспир беше испратена на Месечината. Ова беше дел од проектот Moon Arts Ark, кој имаше за цел да ги зачува човечките уметнички дела и културното наследство. Според тој модел доколку дојде до апокалипса би можело да се реконструира целата цивилизација, онаква каква што денес ја знаеме, каква и да е, изјави Иван Јерчиќ, директор на Народен театар Битола.

Дизајнот на визуелното решение за 10тиот по ред Битола Шекспир фестивал е на Сашо Илковски и е графичка интервенција врз фотографија на месечината фотографирана од авторот на ‎15 ‎јуни ‎2024.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.