Со 150-та изведба на претставата „Стјуардеси“, на Светскиот ден на театарот, Театар Комедија слави 11 години од формирањето на оваа Национална установа.
Театар Комедија како национална институција е формиран во ноември 2011 година, а своето официјално отворање го означи со премиерното прикажување на претставата „Ах, љубов моја“, во режија на Коле Ангеловски, и тоа на Светскиот ден на театарот – 27 март, 2012 година.
Од основањето па до 2014 година, кога „се всели“ во зградата на некогашниот Театар Центар, ја користеше сцената на Драмски театар – Скопје.
Театар Комедија е жанровски определен театар, кој ги негува сите подвидови на комедијата и на својот репертоар вбројува праизведби од македонски автори, комедии од класиците на светската книжевност и современи комедии од светската драматургија.
„Стјуардеси“ е во режија на Синиша Евтимов, а премиерата беше на 6 декември 2013. Во претставата играат: Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски – Тино, Марија Кондовска, Ева Скендеровска/Кристина Ласовска, Нина Деан/Жаклина Петровска и Тања Мицков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.