Кинотечната програма за крајот на јануари избра два македонски играни филмови од најновата продукција, како и еден српски наслов со малцинско македонско продукциско учество. Исто така, во редовната соработка со Францускиот институт од Скопје, во јануари ќе биде прикажан филмот „Презир“ на Жан-Лук Годар.
Станува збор за дебитантскиот игран долгометражен филм „Снежана на крајот умира“, по сценарио и во режија на Кристијан Ристески, со Наташа Петровиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Тино Костадиновски и Давид Јанакиев во главните улоги. Филмот на Ристески имаше светска премиера на „Слемденс“ во САД, еден од највлијателните фестивали на независниот филм, а со неговата македонска премиера се затвори минатогодишното, 43-то издание на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Петтиот игран наслов на Теона Стругар Митевска, „Најсреќниот човек на светот“, чиј косценарист е Елма Татарагиќ, имаше светска премиера во натпреварувачката селекција на програмата „Хоризонти“ на Венециското биенале, а потоа учествуваше на десетина фестивали низ светот.
Новиот филм на Митевска, со Јелена Кордиќ Курет, Аднан Омеровиќ, Лабина Митевска, Ксенија Маринковиќ во главните улоги, беше и македонски кандидат за наградата „оскар“ во категоријата најдобар странски филм.
„Од рајот“ е новиот наслов на сценаристот и режисер Срѓан Драгојевиќ. Во неговата сторија, составена од три приказни за трите божји чуда, играат Горан Навојец, Ксенија Маринковиќ и Бојан Навојец. Филмот премиерно беше прикажан на Интернационалниот филмски фестивал во Локарно, по што учествуваше на фестивалите во Котбус, „Синист“, „Балкан панорама“, „Острава камера око“, Валенсија… Филмот беше дел од официјалната програма на 43. „Браќа Манаки“ во Битола. Директор на фотографијата е Душан Јоксимовиќ, редовен соработник на Срѓан Драгојевиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.