Некој рекол смеењето е здравје. Би било многу едноставно да се влезе во аптека и да се побара една доза здравје, но досега таков фармацевтски произивод не е откриен, зошто шифрата за тој лек ја знаеше само нашата Кате. Несебично го раздаваше тој чудесен лек, каде и да се најдеше, на сцена, на естрада, во јавниот живот, секаде каде што беше присутна, рече актерот Ѓокица Лукаревски на комеморацијата која Македонскиот народен театар (МНТ) ја организираше денеска во чест на актерката Катерина Крстева која почина на 9 јануари годинава на 82-годишна возраст.

Крстева беше родена во 1941 година. Како актерка, прво била вработена во Драмскиот театар, за во 1964 година да премине во МНТ, каде останала сѐ до пензионирањето.

Членови од семејството, блиски пријатели, колеги и познаници ѝ оддадоа почит на актерката, која беше популарна меѓу народот како Мара Попара, по улогата во филмот „Во кафулето кај Гене“.

Незаборавни се нашите заеднички настапи во „Хихирику“, естрадни настапи, но секако и во театарските претстави, рече Лукаревски кој со Крстева беа дел од радиското хумуристочно шоу „Хихирику“.

Актерот на Драмски театар, Благоја Чоревски рече дека со часови, денови, месеци, години може да говори за Кате.

Но, сакам да ви кажам дека јас како актер, нејзин колега и пријател се чувстувам многу гордо што бев дел од нејзниот живот и таа од мојот. Ние во „Хихирику“ бевме како едно семејство. Кога прекина да се емитува, како сите ние наеднаш да прекинавме со животот. Но, навистина се чувстувам гордо, возвишено, затоа што Кате беше моја колешка. И благодарам за сè што направи за мене како актер и за „Хихируху“ и за многуте работи што ги игравме во театар, на телевизија, во филмот, рече Чоревски.

За својата драга пријателка и колешка, телеграма од Америка каде што долги години живее испрати актерот Димче Мешковски.

Нашата драга актерка и колешка Кате, беше исклучителна личност, која со својот дух, шарм, хумор и моќта за трансформација, остави вечен белег во македонското актерство. Реализирајќи голем број хумористични улоги, како и сатрирата на Карадак во „Хихирику“, таа стана симбол за народниот хумор не само кај нас, туку и во нашата дијаспора во Европа, во Австралија и Канада. Почивај во мир драга моја Кате, напиша Мешковски.

Снежана Коневска Руси во својот говор кажа дека нејзината генерација ја имала среќата да соработува со дамите на МНТ, Мери Бошкова, Вера Вучкова, Љупка Џундева, Катерина Крстева…

Што ме поврза мене со Кате? Се најдов во многубројни претстави во репертоарот на МНТ, но немав конкретни средби со неа. Дочекав да играме заедно во претставата за деца „Рекламна бајка“. Колку што се сеќаваме, толку и ќе постоиме, вели една изралеска поговорка. Кате, постоиш за нас!, рече Коневска – Руси.

Да се кажат прошталните зборови во името на фелата, колегите, пријателите, обожавателите за еден театарски човек, за една шармантна актерка, за една жена полна со дух и харизма, за Катерина Крстева не е едноставно, но ни претставува чест достојно, со љубов и почит да се потсетиме на она што Катерина Крстева го работеше на сцената, за она што таа значеше на сцената и она по што публиката ја сакаше, рече актерот Борче Начев во име на МНТ.

Крстева својата актерска кариера со успех ја започнува во Драмскиот театар, а потоа ја продолжува во Македонскиот народен театар и во своите три децении на актерската кариера во овие култни институции остварува забележливи улоги во претставите „Бесмртниот папагал“ (1960), „Авантуриоте на Гијољ“ (1961), „Баладата за поручникот и Марјутка“ (1961), „Александра“ (1961), „Сказна за царот и овчарот“ (1961), и многу други младински во Драмскиот театар, а потоа и „Дон Цезар од Базан“ во 1965, со која и дебитира во Македонскиот народен театар, „Антица“ (1965), „Македонска крвава свадба“(1965), „Градскиот саат“ (1966), „Стапица за осум беспомошни жени“ (1966), „Без вина виновни“ (1968), „Играта на наредникот Мазгрејв“ (1969), „Живиот труп“ (1971), „Животот на Галилеј“ (1972), „Децата на сонцето“ (1973), „Отепвачка“ (1976), „Милион маченици“ (1980), „Остен“ (1981), Граѓанинот благородник (1982), „Воена тајна“ (1984), „Бог“ (1984), „Аудиенција и под нов покрив“ (1988), „Рекламна бајка“ (1989) и последната „Крик“ (1991).

Крстева со успех пловеше и во телевизиските води, кои впрочем и го донесоа епитетот „миленичка“ на публиката и тоа преку популарните телевизиски и филмски остварувања „Театарче лево ќоше“, „Трст виа Скопје“, „Македонски народни приказни“, „Поштар“, „Простодушна љубов“, „Погрешно време“, „Битолски лакрдии“, „Волшебното самарче“, „Шеќерна приказна“, „Учителот“, „Милион маченици“, Едно лето“, „Случки од животот“, „Тврдокорни“, „Пред дождот“, „Во светот на бајките“, „Агенција осамени срца“, „Време за плачење“, „Мост“, како и во ТВ Серијата „Преспав“, и филмот „Дедо и внук“.

Телеграми со сочувство упатија и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, Драмски театар и Турски театар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.