Издавачката куќа Готен ја објави сликовницата „Јоел и Ио; љубовна приказна“ од Геир Гуликсен и Ана Фиске (илустрации). Преводот од норвешки јазик е на Искра Бадева.
Станува збор за мошне интересна сликовница, во која авторот на нетипичен начин зборува за стравовите од непризнавањето и неприфаќањето во училишната средина, за несигурноста што многу често децата ја чувствуваат во училишната средина, за чудното однесување кога родителите претерано заштитнички се однесуваат кон своите деца.
Геир Гуликсен како припадник на современата норвешка литература за деца и младинци го следи трендот на занимавање со теми кои излегуваат од воспоставените рамки и храбро ја третира реалноста на современото живеење. А тоа е литература во која јунаците и „принцезите“, „недопирливите“ и „несовладливите“ се деца и поединци растени во средина на разведени или самохрани родители, со личен или со хендикеп на некој близок, со проблеми поврзани со современиот начин на живот.
Независно од сите овие аспекти, „Јоел и Ио; љубовна приказна“ е сликовница во која за сите овие важни и понекогаш болни теми се проговорува на едноставен начин – преку интересна приказна и сугестивни илустрации.
Искра Бадева е родена 1980 година во Скопје. Како вљубеник во културата и литературата на Северот ги има завршено студиите по скандинавистика на Софискиот универзитет во 2007 година. Живее и работи во Скопје. Преку своите преводи се надева дека ќе ја разбуди љубопитноста на македонските читатели кон историјата, секојдневието и начинот на размислување на северните народи.
Интензивно работи на преводи на романи и детска литература од норвешки, шведски, дански и фински јазик. Добитник е на наградата ,,Златно перо“ во 2011 година која ја доделува Здружението на литературни преведувачи на Македонија. Има преведено повеќе од 50 дела на актуелни скандинавски автори, меѓу кои се Ерленд Лу, Сара Омар, Пер Петешон, Мерта Тиканен, Марија Пар, Туве Јансон, Јо Несбе, Маури Кунас, Лиса Аисато, Геир Гуликсен, Катри Липсон, Томас Енгер, Ида Хојер, Рој Јакобсен и други, како и избор драми од Хенрик Ибзен.
Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.