Денес во 11 часот се одржа првиот академски час за оваа наставна година, со студентите на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“, предводена од професор д-р. Рисима Рисимкин. Веднаш потоа студентите имаа средба и работилница со американскиот кореограф Џастин Кабрилос.

Кабрилос живее и работи во Њујорк, има завидна интернационална кариера и своите искуства ќе ги сподели со студентите за современ танц при УГД, кои работат во Скопје, во просториите на Дом на АРМ.

Соработката со овој кореограф е овозможена преку „Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата – Локомотива“ и програмската директорка Биљана Тануровска Ќулавкоски.

Катедрата за современ танц на УГД е оформена во 2017 година со прв циклус студии, вториот циклус студии се оформија во 2021 година, со програмите за кореографија и танцова педагогија, а од следната година ќе се отворат и првите докторски студии за танц во земјава.

Оваа катедра е една од ретките уметнички високообразовни институции во земјава, каде, покрај домашните, студираат и странски студенти, на двата циклуса на студии.

Студентите на Катедрата за современ танц својата пракса ја имаат во рамките на работата на Скопје танцовиот театар, преку чии активности имаат можност за учество во професионални продукции, како и можност за настапи во странство, низ Европа, САД и Кина.

Воедно, овие студенти имаат можност за студиски престој на Ротердамската танцова академија и КОДАРТС универзитетот, како и резиденции и настапи на програмата „Share“ која вклучува 9 европски танцови академии и универзитети од Австрија, Словачка, Чешка, Латвија, Унгарија, Полска, Велика Британија и Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.