Вчера дирекцијата на EUPL објави дека СКРИЕНИ ЖЕЛБИ, НЕМИРНИ ПАТУВАЊА (Антолог, 2020) e македонски кандидат за наградата за литература на Европската Унија за 2022 година, како книга од македонски автор што се одвојува од останатaта книжевна продукција во периодот 2020-2022, а согласно нововостановените критериуми.
Со оглед дека овој роман истовремено ја доби и наградата „Роман на годината“ и беше македонски кандидат за меѓународната награда „Балканика“ (се уште недоделена) го прават едно од највлијателните (а секако и најчитаните) македонски дела во последните години, соопшти издавачот на романот, „Антолог“.
„Скриени желби, немирни патувања“ е мозаичен роман во кој врз основната приказна за четири ликови се вкрстуваат приказните на педесетина луѓе од различни географски меридијани.
Книгата претставува микс од приказни, преплетени и вмрежени меѓу себе, доловени со многу детали, хаику-моменти, филмски секвенции, духовни епифании. Роман за интеракцијата меѓу личното и надворешното, за начинот на кој атмосферата и ситуациите ги обликуваат нашите внатрешни пејзажи, за потребата да се раскажуваат приказни и да се пронаоѓаат сјајот и лагата во нив.
Еден од најинтересните аспекти во романот е релацијата меѓу четирите основни и преостанатите куси приказни. Од таа релација се градат визуелни и мисловни контрапункти, ситни драматуршки пресврти, нијансирани поттекстови. Комбинацијата од непристрасен поглед на камера и лично обоено раскажување создава необичен тон, кој предизвикува читателот да биде оставен пред отворената врата на толкувањето.
Наградата за литература на Европската Унија е иницијатива со која се истакнуваат најдобрите нови прозаисти од Европа. Наградата се доделува од 2009 година, при што секоја земја што учествуваше во проектот прогласуваше по еден национален добитник на наградата. Од 2022 година концептот на наградата се менува: наместо добитници на наградата од секоја земја учесничка, седумчлена европска комисија ќе додели една награда на главниот добитник на Наградата, а пет автори ќе бидат посебно истакнати. Освен избраниот победник, сите номинирани автори континуирано ќе бидат промовирани на европската книжевна сцена, со цел нивните дела да допрат до поширока публика, како и да ги надминат јазичните и границите на своите национални книжевности.
Оваа година, освен од нашата земја, учествуваат автори и дела од: Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Грузија, Грција, Ирска, Италија, Литванија, Норвешка, Романија, Словачка, Шпанија и Украина.
Професорката и литературна критичарка Лидија Капушевска-Дракулевска смета дека во романот „особено е интересен феноменот на хронотопичноста, таа испреплетеност на судбините на луѓето од различни меридијани на светот, како и сведувањето на човековото постоење на синџир од средби и разделби, разминувања и созвучја…“ Литературната критичарка Александра Јуруковска, пак, смета дека „книгата на Јанковски е загатка со мноштво решенија. Мозаичниот приказ на ликовите (повеќе од педесет), но уште повеќе на приказните што се плетат околу нив, ја прави интересна и во жанровска смисла – роман што може да се чита и како збирка раскази, корпус навидум неповрзани приказни“.
Владимир Јанковски (1977) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Има објавено три романи: „Скриени желби, немирни патувања (2020), „Невидливи љубови“ (2015) и „Вечно сегашно време“ (2010). За „Скриени желби, немирни патувања“ ја добил наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“, а за „Невидливи љубови“ наградата „Рациново признание“. Активно се занимава со литературен превод.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.