Вечерва, 15.07.2022 (петок), ќе се отвори изложба на Игор Поп Трајков „Мината иднина“, во Галерија Ко-Ра, со почеток во 20:00 часот.
Во оваа негова трета самостојна изложба, авторот Игор Поп Трајков повторно го истражува светот на дигиталните слики. За разлика од неговата претходна изложба Некогашно место на која се претстави со дигитални колажи и витражи, овој пат има колекција од дигитални цртежи да ja сподели со сите нас. Неговата тематска окупација е минатото кое никогаш не станало иднина, и иднината која никогаш не била минато. Во ова тој истражува варијации на историски, психолошки и теми од историјата на уметноста.
Како што вели кураторката на изложбата Виолета Калиќ: „Поривите за: митологизација и демитологизирање, инверзија, вметнување, колажирање и деколажирање, интерполација, фрагментација, ремодулација, редефинирање – се само некои од одредниците кои ги посочуваат определбите за визуелизација и за ликовно искажување на културологот м-р Игор Поп Трајков, кој со својот епски наратив преполн со изобилство на контроверзност во неоконцептуланото сиже нѐ провоцира, изненадува, збунува, револтира, замислува; нѐ навраќа на сегментите од парцијалното и партикуларното во интроспекцијата на времето, на просторот, на генезата на настаните- врежана и впишана, овоплотена и во артефактите на културната историја во ендемското, автохтоното, или во универзалното. Геополитиката, митот, легендата или мигот од ефемерното- добиваат свој печат и пиедестал, своја епска нарација и речитатив во светот на м-р Игор Поп Трајков – и кога се оттргнати или запазени во флоскули, во синергија со колективната или персонализираната меморија која бележи, памети, но и ремодулира. Сиот тој фрагментиран арсенал на синоними, симболи, заедно со изобилието на факти, артефакти и фрагменти од културната историја од аверсот или реверсот на воспеаното и невоспеаното, од химните на хероите и хероините, од елегијата и рапсодијата, од сите жанрови на егзистенцијалното впиени во оф сетот на реминисценцијата во сеќавањата, во трагите впиени во почвата, во порите и сништата, или во одата на животот, контроверзен и никогаш недоосзнаен – е дел од визуелното состанување на м-р Игор Поп Трајков… Митологијата на генезата укажува на бројни парадигми едновремено, посочува разнородни приоди и интерпретации.“
Во однос на ликовниот и тематскиот аспект во поглед на методологијата на изложбата Мината иднина, кураторката вели: „Инверзијата во хроматичната скала, монохроматичноста и дуалитетот на контрастите ги посочува и со растерот во инверзија. Овие постапки го посочуваат значењето и псевдо значењето на псевдо-исполнетоста или привидот на сѐ обилноста и празнината. Неговиот Дон Кихотов или Диогенов екскурз проникнува во сите сфери на егзистенцијалното, почнувајќи од генезата, од исконското, од поривот за тривијалното, до „трофејното“. Тој екскурз е инспириран од секвенците на историјата, на митот, од легендите, од поемите, од историографијата, политиката и геополитиката, од социологијата, драмата, комуникологијата, аналитичноста и проникнувањето во суштественото. Овие инспирации се круцијален вектор кој ја детектира предодреденоста на м-р Игор Поп Трајков за опитна перцепција, проникнување и аналитичност во опсервацијата, инцизивна дедукција и интелектуално ангажирана резонанца која ги преточува визуелните сензации во естетизирани записи. Тој станува хроничар на не само ова „наше време“ и на овој поетично и романтичарски насловен „наш простор“, кој е простор на најчесто виртуелната перцепција на нештата. Поетиката на исказот на м-р Игор Поп Трајков има една продлабочена филозофско-социолошка аналитична димензија која станува ангажиран коректив на јавната свест, без скрупули кон привидот и лажните кодекси, како и кон псевдо моралните норми или догми. Авторот се поигрува со хипокризијата на моралните вредности.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.