Скопје танцов театар под водство на Рисима Рисимкин од 24 до 31 август ќе гостува на сцената на Фестивалот на Шекспир во Верона, Италија.

Ова е второ големо гостување на танчерите на Скопје танцов театар, по минатогодишниот огромен успех и гостувањето во култниот Национален театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција.

Фестивалот во Верона е формиран во 1948 година и годинава го прославува 75 годишниот јубилеј. На неговите сцени се создавала богатата историјата на веронеските летни сезони, во кои се вклопуваат гостувања на долга листа на продукции, актери, режисери, сценографи, музичари, танчери, кореографи итн. Фестивалот, чија историска и уметничката вредност е огромна, со години претставува централна локација за театарската култура на светско ниво. Рисимкин и Скопје танцовиот театар ќе се дел од Шекспир фринге програмата, која ќе се одржи на крајот на август.

За мене, женските ликови во драмите на Шекспир, се особено интересна тема и предизвик ми е да истражувам и создавам во тој контекст, врз кој се базира креацијата на претставата „Леди Магбет (Квартетот)“. Темава е актуелна и во контекст на времево во кое живееме и сакам да повлечам паралели помеѓу безвременото творештво на Шекспир и современите аспекти на темите кои тој ги опфаќа, вели Рисимкин.

Темава е актуелна и во контекст на времево во кое живееме и сакам да повлечам паралели помеѓу безвременото творештво на Шекспир и современите аспекти на темите кои тој ги опфаќа, вели Рисимкин.

Континуираните настапи на Скопје танцовиот театар на светските сцени, кој во изминативе години настапува во Њујорк, Париз, Пекинг, Хаг, Амстердам и други значајни центри на културата, за што добива извонредни критики, е потврда за квалитетот и неопходноста од оваа компанија, која создава и негува млад уметнички кадар.

Адријана Данчевска и Дејан Битровски во Белград ја освоија првата награда на Фестивалот и награда од публиката

Скопје танцовиот театар е лабораторија во која произведуваме одличен уметнички производ. Младите танчери и кореографи кои компанијата ги изнедрува се прекрасни уметници и веќе ја освојуваат интернационалната сцена. Адријана Данчевска, која е дел од првиот состав на компанијата, во дует со Дејан Битровски, настапи во ноември 2022 година на 26-от по ред Фестивал на кореографски минијатури во Белград, каде, за својата кореографија „Не ми ги допирај очите“, ја освои Првата награда на фестивалот, како и наградата од публиката. Искрено се надевам дека покрај светското препознавање на квалитетот, Скопје танцовиот театар ќе биде вистински препознаен и дома, вели Рисимкин.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.