Денес со почеток во 18:30 часот во книжарницата Литература.мк“ во Скопје Сити Мол ќе се одржи поетско читање за млади насловено „Скопје СИ ТИ“.

На „Скопје СИ ТИ“ ќе читаат: Јулија Ангелова, Андреј Анѓеловиќ, Виктор Бучковски, Иво Донев, Марко Иван Кочишки, Нино Наумовски, Дарио Постоловски, Теодора Прокоповска, Михаела Стефановска, Методија Тасевски, Крсте Трифунов и Розе Ускоска.

 

Настанот ќе го модерира Андреј Медиќ Лазаревски, основач на младинското здружение „Култура Бета“.

„Скопје СИ ТИ“ е настан за поддршка на младите поети почетници, за оние што можеби и не објавиле ништо досега, нудејќи им шанса да се претстават со поетско читање, во рамки на манифестацијата „Денови на поезијата“, што ќе се одржи во периодот од 21 до 24 март, во организација на Скопје Сити Мол заедно со Фондацијата „Ацо Шопов Поезија“, филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, „ПНВ Публикации“ и „Култура Бета“, и ќе се состои од низа настани за промоција на поезијата.

 

Манифестацијата се организира по повод Светскиот ден на поезијата, а во знак на 85 години од објавувањето на „Бели мугри“ од Кочо Рацин и на 80 години од објавувањето на „Песни“ од Ацо Шопов – првата книга на македонски јазик во слободна Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.