Громогласниот и долг аплауз, емоции и овации од презадоволната скопска публика, која шест пати ги врати на сцената, е најголемата награда за екипата од Штипскиот Народен театар и за успешната претстава „Лекција“ од Ежен Јонеско, а во режија на Ѓорѓи Ризески, која синоќа, во рамки на Скопско лето се изведе во преполната мала сцена на Национлната опера и балет.

Претставата започнува суптилно и наивно, со доза на хумор, проткаена со бројни насмевки од публиката, за подоцна публиката да остане без зборови од сериозноста и тежината која „Лекција“ ја носи во себе и во која јасно се говори за денешните општествени проблеми од образовен како и од напреден поглед на луѓето. Приказната е раскажана преку луцидната мисија на професорот кој неможејќи да се справи со новата генерација решава макивејалистички да направи избор и селекција на читавите од нечитавите суштества на планетата земја, вршејќи на некој начин, потполен од негов аспект, оправдан геноцид.

Во драмата „Лекција“ според авторот Ежен Јонеско, концептот на целата претстава се состои во самиот наслов кој е надополнување на делото: „сеЛекција“. До него се стига оправдувајќи го апсурдниот сам по себе лик на „Професорот“, оправдувајќи го исто така и самиот апсурд како изразно средство на најпознатиот по тоа апсурден автор, велат од тимот.

Претставата е копродукција помеѓу штипскиот театар и „Моушн нетворк“, а е поддржана од Министерството за култура. Улогите ги толкуваа Ефтим Трајчов Ѓаурски, Димитрина Мицкоска Трајкоска и Милорад Ангелов.

Сценографија е на Трајчов Ѓаурски и на режисерот Ризески, костимите се колективно дело, а музиката е на Антонио Ристески. Кореографијата е на Бојан Мицев, за плакатот се погрижи Александар Вржалски, а фотограф е Александар Ефремов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.