Како и сите во државата, така и ние како културни работници под капата на Министерството за култура бевме затекнати од одлуката на нашето ресорно министерство за оформување три нови институции од културата, велат од Синдикатот на културата.
Свесни сме дека овие новоформирани институции може да придонесат позитивно и стимулативно во културните процеси во државата, посебно оформувањето на оркестар во Битола, како еден од поголемите културни центри во државата, и што тоа ќе значи за големиот број талентирани и докажани музичари, а уште повеќе за публиката од овој град. Секако, тука се и младите и талентирани албански уметници и музичари, кои со ова ќе имаат нова платформа на која ќе можат да се изразуваат, да креираат и да творат.
Сепак, како репрезентативен синдикат на над 1300 вработени во културата, не може а да не прашаме неколку работи:
– Колку и да е оправдано формирањето на овие установи, истото помина нетранспарентно и без ниту еден ден јавна дебата. Државата и Министерството за култура како нејзин репрезент, се должни на транспарентност и отчетност пред јавноста за сите процеси што ги засегаат граѓаните. Ние за намерата како и за самата одлука дознавме од соопштението на сајтот на министерството. Зошто една држава, која се стреми кон Европските вредности дозволува вакви пропусти?
– Како дел од работната група за изготвување на новиот Закон за култура, од претставниците на Министерството за култура постојано ни се укажува на неминовноста од децентрализација на најголемиот број национални установи низ Македонија и задолжителното пренесување на основачките права од државно на локално ниво; тоа биле директивите од ЕУ, со објаснување дека сме имале премногу институции кои државата ги менаџира. Па оттука, воопшто не ни е јасно, зошто државата сега се јавува како основач на овие три нови национални установи? Зарем државата оди контра своите заложби? Едно препорачува за во законска регулатива, а друго прави во пракса? Каде се тука директивите на ЕУ? Креира нови национални установи, а веќе постоечките планира да ги децентрализира?
– Која е оправданоста на поставката “Смилевски конгрес” да прерасне на ниво на Национална Установа? Не ја спориме важноста на Смилевскиот конгрес во македонската историја, но како што знаеме, во склоп на НУ Заводот и Музеј на Битола досега без проблеми функционираше меморијалниот музеј во с. Смилево, посветен на Смилевскиот конгрес. Според тоа, дали може да очекуваме дека и други музејски поставки, кои се во склоп на институциите од заштитата во иднина, без јавна дебата и евентуално некаков елаборат за оправданоста на истите, да прераснат во национални установи?
-За крај секако е и постоечката економска криза која нѐ затекна сите и влијаеше и на културните работници. Во изминатиов период на вработените во културата јавно им беше посочувано дека пари за плати може да нема, се бараа начини да се заобиколи членот 65 од Колективниот договор за култура, беше кратено од буџетите и од финансиите за реализација на годишните програми под образложение дека финансиите ќе бидат пренаменети за плати, беше препорачувано да се штеди и работи со изгасени сијалици. Не беа реализирани многу потребни вработувања, не се исплаќаа додатоци на плата за отежнати услови за работа согласно Колективниот договор, не се одобруваа финансиски средства за стручните звања во заштитата. Потребните унапредувања се стопирани во речиси сите институции од културата. Постојните институции физички се распаѓаат, а државата нетранспарентно импровизирајќи отвора нови.
И сега се прашуваме, дали финансиската криза во културата заврши, бидејќи при целата оваа состојба, државата најде пари за оформување нови национални институции во културата? Дали финансирањето нови вработувања во овие нови национални институции ќе значи: обезбедување финансиски средства за вработувања во веќе постоечките институции каде што е најпотребно, финансиска валоризација на стекнатите стручни звања и унапредувања.
Дали вработените во културата следната година ќе ги добијат сите права што им следуваат или “немањето пари” во културата беше само наратив?!
Ја повикуваме Министерката Бисера Костадиновска Стојчевска да даде одговори на поставените прашања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.