Издавачка куќа „Лин Рекордс“, по големиот интернационален успех на албумот МАКЕДОНИСИМО и ЦД-то на кое Трпчески заедно со Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава, Чешка и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија изведуваат програма со дела од Шостакович, денеска (25 март) го објавува и првиот самостоен компакт диск за познатата британска етикета на која Симон Трпчески се претставува со дела од Моцарт, Бетовен и Брамс.
Убаво е кога убави нешта се случуваат па и во вакви предизвикувачки времиња. Многу сум среќен што излезе овој албум снимен во време на пандемија, во февруари минатата година во една идилична атмосфера во Берлин, но со многу потешкотии од бројните протоколи и ограничувања за патување. Сепак мило ми е што со вонсериските напори на „Лин Рекордс“ и во тимска работа со „Бехштајн“ од Берлин успеавме да направиме еден многу убав производ под водство на исклучителниот германски продуцент и инженер за звук Инго Петри, изјави Трпчески за Македонското радио.
Албумот е наречен „Варијации“ и содржи не многу често изведувани дела, дела од кои самите композитори биле инспирирани, Моцарт да речеме од примери на неаполската школа на италијанските композитори Сарти и Паизиело, а Бетовен од мотиви на руски теми од чешкиот композитор Пол Враницки.
Тука се и Брамсовите варијации од неговата рана фаза на тема од Шуман, а целиот албум завршува со познатите 32 варијации на Бетовен напишани на своја оригинална тема. Целиот избор на репертоар и насловот „Варијации“ ги поврзав со обединување, обединување на човештвото против злото што го снајде и е еден убав показател дека музиката е универзален јазик кој на најчист можен начин може да ги обедини луѓето, како што тоа го направиле композиторите покажувајќи почит и љубов во поврзувањето на културите, вели Трпчески.
Во меѓувреме, концертниот распоред на нашиот пијанист од светски глас полека се враќа во нормала. По настапите во рамките на Пролетната серија концерти на БиБиСи во Вигмор Хол во Лондон и на Фестивалот за класична музика „Мартовски музички дни“ во Русе, Бугарија, на покана од маестро Емил Табаков, Трпчески веќе наредниот месец се враќа со рецитали во Соединетите американски држави и презакажаните настапи со Кралскиот шкотски национален оркестар во Единбург и Глазгов, Шкотска.
До крајот на овој дел од сезоната тука се и серијата концерти со Сиднејскиот симфониски оркестар, премиерите на МАКЕДОНИСИМО – хрватската во Задар и Сплит и северноамериканската во Отава, Канада, повторни гостувања во Пјонгчанг, Јужна Кореја и Чикаго…, соопштува „КултурОп“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.