Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска присуствуваше на културно- сценската манифестација „Галичка свадба“, што традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на државата.

Претседателката изрази задоволство од континуитетот со кој доследно се промовираат вековните македонски традиции, култура и уметност. Галичката свадба како значен туристички настан придонесува за заживување на галичкиот крај и неговата популаризација привлекувајќи бројни домашни и странски посетители.

Честитајќи им го склучувањето на бракот на годинашните младенци, Стефана Димитрова и Даријан Кочоски, претседателката Сиљановска Давкова им подари „галичка пафта“ – со мотив од галичка носија, со желби за љубов, среќа и бериќет во нивниот иден заеднички живот.

„Многу сум среќна што младите го препознаваат значењето на она што е исконско и што е дел од нас и продолжуваат да ја негуваат таа традиција“, истакна претседателката Сиљановска Давкова посакувајќи вечно да опстои овој убав обичај.

Честитки до Стефана Димитрова и Даријан Кочоски – годинашните младенци на „Галичка свадба“.
Им посакувам, во нивниот иден заеднички живот, да бидат опкружени со љубов, среќа и бериќет.
Со задоволство присуствував на уникатната културно-сценска манифестација која ги промовира вековните македонски традиции, култура и уметност афирмирајќи го живописниот галички крај – напиша претседателката Гордана Сиљановска Давкова на својот фејсбук профил.

„Галичка свадба“ официјално почна вчера со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичниот чин на „фрлање“ пушкa од куќата на зетот.

Денеска беа одбележани традиционалните свадбени обичаи, а младенците се венчаа во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.