„Петок ми е“, „Живеам за викенд“, „Штеди, криза е“, „Испитна ми е“ се само дел од фразите од првата едиција на стикери на македонски јазик за социјалната мрежа Инстаграм.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска информира дека во едицијата се достапни 13 фрази и зборови кои се дел од разговорниот јазик на помладите генерации, а можат да се слушнат при нивните разговори на кафе или пијачка, во читална, во аулата на факултет, во парк или во маало.
’Дојди во маало’, ‘Штеди, криза е’, ‘Верувај во себе’, ‘Ај на клупи’, ‘Седни учи’, ‘Тотално зелени’, ‘Испитна ми е’, ‘Не се сите исти’, ‘Лето е’ се дел од првата група стикери. Тие имаат за цел да ги поттикнат младите на социјализација, учење и реализирање на нивните обврски, кон себе си и заедницата во која живеат“, пишува министерката на Фејсбук.
Втората група стикери, пак, – „Петок ми е“, „Живеам за викенд“ и „Сите сме луди“ се однесуваат на моментите на дружење, дочекување на викендот, како период кога одмараме, имаме повеќе време за себе и за луѓето кои ги сакаме.
Овие стикери, посочува министерката, произлегуваат од она што младите навистина го зборуваат меѓу себе, повикуваат на акција, одговорност, но содржат и моменти на хумор и фрази кои ги користат во секојдневната неформална комуникација.
Основната цел е младите, но и сите граѓани повеќе да го користат македонскиот јазик на социјалните мрежи. Дигиталните медиуми и алатки, социјалните мрежи го променија начинот на комуникација. Со тоа, треба и ние да се адаптираме на промените и македонскиот јазик уште повеќе да го доближиме до младите луѓе. Заштитата и афирмацијата на јазикот треба да биде од секој аспект, вклучително и во контекстот во кој се однесуваат и изразуваат новите генерации, додава Костадиновска-Стојчевска.
Стикерите можат да се најдат на Инстаграм под рубриката GIF, со впишување на клучни зборови како: петок, petok, петокмие, petokmie.
Автори на првата едиција стикери на македонски јазик се Ико Илиевски и Димитар Караташев, а проектот е дел од јавниот конкурс „Цртај на македонски јазик“ 2022, објавен од Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.