Шпанската вечер на 63-тото „Охридско лето“ вчеравечер беше во знакот на камерниот ансамбл „Ла Спања“. Шпанските музичари од овој состав свиреа на автентични инструменти. Алехандро Мариас кој воедно е и диригент музицираше на виола да гамба исто како и Пабло Гаридо,  Рамиро Моралес на архлаута и барокна гитара, Хуан Карлос де Мулдер на  архлаута и Хорхе Лопез-Ескрибано на  чембало и оргули.

Овој ансамбл е посветен на изведба на дела од периодите на ренесансата, па сѐ до раниот романтизам, а понекогаш дури и на дела од 21 век. Сепак нивниот главен фокус е во барокниот период, но изведувајќи дела и од други периоди тие покажуваат еден вид уметничка разновидност која ја обединуваат неколку премиси, а тоа се убедливи и искрени изведби на дела со особена почит кон историските, социјалните и стилски предуслови на репертоарот кој го изведуваат.

-На фестивалот настапуваме со дела  од 15 до 18 век. На репертоарот нема само шпански композитори,туку и француски и италијански кои компонирале инспирирани од Шпанија. Инструментите со кои свириме се од ренесансата и барокот, рече чембалистот и оргулис во овој камерен ансамбл, Хорхе Лопез-Ескрибано.

Ансамблот „Ла Спања“ името го добива од една од најпознатите мелодии од ренесансниот период, а  е основан во 2009 година од Алехандро Мариас. Ансамблот има флексибилна формација, што значи може да настапува како камерен состав или пак како барокен оркестар. На тој начин „Ла Спања“ може да настапува во изведба на ораториуми и опери заедно со гости солисти и диригенти, или пак да се трансформира во помали состави за потребите на програмата.

Обраќајќи се на отворањето на оваа вечер, директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ истакна дека шпанските уметници се носат со поддршка од Шпанската амбасада во Македонија.

– Оваа вечер ја нарековме Шпанска вечер бидејќи ја имаме поддршката токму од Амбасадата на Шпанија. Огромна благодарност за континуираната поддршка во текот на изминатите години и верувам дека таа ќе продолжи и во иднина, рече директорката Поповиќ.

Во редовите на публиката беше и амбасадорот на Шпанија во Република Македонија, Хозе Луис Лозано Гарсија.

-Голема благодарност до директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, за огромната соработка за вечерашниот настан, како и до селекторката на музичката програма Бисера Чадловска, се обрати шпанскиот амбасадор Хозе Луис Лозано Гарсија на македонски јазик.

Минатата година, фестивалот „Охридско лето“ го прослави својот 62 роденден со шпанскиот фламенко-балет „Луксурија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.