Кинематограферот Шеjмус Мекгарви, добитникот на наградата „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, во рамки на 44. издание ИФФК „Браќа Манаки“, во битолското кино одржа мастерклас. Тој зборуваше за неговите почетоци, почнувајќи од неговото детство, па до соработката со врвни режисерски имиња.

Пораснав во мал град во Обединетото Кралство, во католичко семејство. Отсекогаш обичното го гледав појасно, а обичното, според мене, е врвно. Сакам да гледам пејсажи, луѓе, и мојата инспирација доаѓа оттаму. Доаѓам од земја каде што немаше многу сончева светлина. Во последните 13 години живеам во Тоскана, Италија. Порано бев целиот облечен во црно, сакав темни бои, но сега погледнете, сум обоен, носам сино, носам жолто. Имав среќа да имам наставник по уметност, кој е брилијантен. Многу цртав и фотографирав. Тој ми рече, „Ти треба да правиш филмови“. И почнав да правам куси филмови со малата камера која ја користев, раскажа Мекгарви.

Откако се запишал и завршил училиште за филм во Лондон, никој не сакал да го вработи, за почнал да работи како сликар и декоратер. Подоцна, сфатил дека не сака да го работи тоа целиот свој живот.

Том Форд е одличен и најприземјен режисер со кој некогаш имам работено

Моќта која ја носи човек во себе на сет, може да направи лесно да се направат нештата спектакуларни. Осмозата на креативност е прекрасно да се види, а која произлегува од линкот меѓу кинематограферот и режисерот. Многу учев од своите грешки во работата. Учев да снимам, да експериментирам, рече кинематограферот.

Публиката имаше можност да погледне сцени од легендарните „Ана Каренина“, „Лоши времиња“, „Атонемент“ и „Ноќни животни“. Зборувајќи за филмот „Ноќни животни “, Мекгарви кажа дека Том Форд е најголемиот човек кој го има запознаено во својот живот.

Беше предизвикувачки да се снима додека долго возат автомобили по пат. Тој филм има тешка тема, две жени беа убиени. Но тоа е Том Форд, тој беше одличен и најприземјен режисер со кој некогаш имам работено. Би сакал да работам пак со него, мислам дека е е подготвен за нов филм. Би сакал да видам уште еден негов филм зашто тој е извонреден, кажа Мекгарви.

Тој е два пати е номиниран за „Оскар“ за најдобра фотографија за „Покајание“ (2007) и за „Ана Каренина“ (2012). Два пати ја добил наградата на Британското друштво на кинематографери (BSC) за „Ана Каренина“ и за „Ноќни животни“ (режија Том Форд) и четири пати е номиниран за наградата БАФТА. Во 2004 година е награден со „Лимиер“ медал за придонес во уметноста на кинематографијата, кој го доделува британското Кралско фотографско друштво.

Јас сум патолошки среќен. Но не мислам дека ние, кинематограферите треба да бидеме харизматични и насмеани. Јас познавам колеги кои не се такви, а се брилијантни во својата работа.

Во однос на тоа, дали е подобро да се работи на телевизиска серија или на филм, тој кажа дека не гледа разлика.

Кога и да дојдеш на сет, тоа е подарок. Не гледам разлика меѓу ТВ и филм, истата сензибилност е, истото е. Ако не сме овде да раскажуваме приказни, тогаш во што е поентата? Моите родители ми кажуваа приказна кога одев на спиење, ги измислуваа. Мајка ми ми велеше, ти кажи ги ликовите, а јас ќе ти раскажам приказна, додаде кинематогрaферот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.