Фестивалската публика уживаше во изведбата на младите уметници од триото „Инсендио“. Одличен концерт приреди вчеравечер триото „Инсендио“ од Чешка на фестивалот „Охридско лето“.
Младите и шармантни членови на овој музички состав, пијанистката Каролина Франтишова, виолинистот Филип Зајков и виолончелистот Вилем Петрас ја воодушевија публиката во црквата „Света Софија“ со прекрасна тонска проекција и виртуозност при изведбата на „Тристиа“ од „Долината на Оберман“ S. 378c (S. 723) за пијано трио од композиторит Франц Лист, Пијано трио бр. 3 од Бохуслав Мартину и Пијано трио бр. 2 оп. 26 од Антонин Дворжак.
Првпат сме во Охрид и многу ни е мило што се помина во најдобар ред. Публиката беше толку мила и гостопримлива и уживавме толку многу колку што се надеваме дека и публиката уживаше. Несекојдневно е, но и прекрасно да се свири во ваква црква. На некои места акустиката е дури и преголема, но во оваа црква е токму прекрасна и совршена за вакви концерти. Заедно свириме веќе шест години. Првпат слушнав за фестивалот од мојот профрсор Михаил Канка кој настапуваше овде, рече виолончелистот Вилем Петрас.
Триото „Инсендио“ е основано во 2016 година во Прага. Од формирањето до денес освојува низа награди на повеќе национални и меѓународни натпревари за класична музика. Дел е од Европската академија за камерна музика каде млади ансамбли добиваат можност да работат и да учат со исклучителни уметници и професори. Учествува и на бројни мајсторски курсеви.
Триото „Инсендио“ редовно учествува на Летната академија во Рајхенау организирана од Универзитетот за музика во Виена. На оваа академија се добитници на Виенската награда за класика, наградата „Бохуслав Мартину“, како и наградата доделена од Чешкото здружение за уметност и наука за најдобра изведба на современо дело од чешки композитор. Триото е добитник и на наградата за камерна музика на оваа академија, како и на наградата на публиката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.