„Северен пол” на Марија Апчевска-Петровска во продукција на Кино Око со проекција на 25-ти април во Музејот на модерна уметност (МоМА) во Њујорк ќе ја има својата американска премиера во рамките на 51-то издание на престижниот фестивал New Directors/New Films кој се одржува од 20-ти април до 1-ви мај, соопшти „Кино Око“.

Повеќе од половина век, фестивалот ги слави филмаџиите кои зборуваат за сегашноста и ја предвидуваат иднината на кинематографијата и чии смели дела го изнесуваат на површина неочекуваното на впечатлив начин. Овогодинешниот фестивал ќе претстави 26 долгометражни и 11 кратки филмови, вкупно 39 режисери, од кои 21 се жени, пред љубителите на филмот во кината во МоМА и Линколн центар.

Филмот „Северен пол” досега учествуваше на повеќе од 40 интернационални фестивали и освои неколку награди како и номинација за Европските филмски награди (EFA) и се квалификуваше за наградата Оскар.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Биљана Гргур, дизајн на шминка Горан Игњатовски, монтажер Драган Вон Петровиќ, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа, кастинг Кирија А. Николоска. Продуцент е Роберт Насков, а копродуценти Милош Љубомировиќ од Сервиа Филм, Миодраг Поповиќ од Форгрејд од Србија и Петер Шекереш од Тиволи продукција од Унгарија.

„Северен пол” е финансиски е подржан од Агенцијата за филм на Македонија и Српскиот филмски центар.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.