Македонскиот пијанист Дино Имери, од критичарите наречен и „волшебник на пијаното“, до крајот на оваа година ќе реализира неколку концерти на домашната и на меѓународната сцена, самостојни, но и во рамки на фестивали и проекти.
Првиот настап на еден од најдобрите македонски пијанисти, Дино Имери, ќе се случи на 16 октомври, кога заедно со извонредниот тенор Михаило Арсенски, ќе концертира на свеченото отворање на фестивалот „Златна Лира“, кој е во организација на Сојузот на музички уметници на Македонија. Оваа вечер ќе ја красат изведби на мошне импресивни дела од различни музички епохи, од композитори како Клод Дебиси или Рихард Штраус, и секако дела од македонските композитори, оние кои ги поставија темелите на македонското композиторско творештво – Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев и Томислав Зографски.
Мошне значаен меѓународен проект, ќе се случи на 25 октомври. По повод јубилејот – 30 години билатерални односи меѓу Македонија и Велика Британија, Имери ќе одржи концерт во Лондон, во Кралскиот колеџ за музика (Royal College of Music), каде ќе настапи како солист на пијано, но и заедно со хрватскиот повеќенаградуван пијанист Ведран Јањанин, со изведба на дела од македонски автори, како и дела од Густав Холст, Сергеј Рахмањинов и Витолд Лутославски. Настанот е поддржан од македонското Министерство за култура, а го организира Амбасадата на Македонија во Лондон.
На 19 ноември, Имери заминува во Загреб, Хрватска, каде што ќе одржи солистички рецитал во прекрасното здание на Државниот архив. Она што посебно интригира во врска со овој настан, е што македонскиот пијанист ќе свири на историскиот инструмент „Pleyel“ од 1924 година, кој бил во сопственост на Светислав Станчич – таткото на хрватската пијанистичка педагогија. Концертот е дел од Циклусот „Pleyel Svetislava Stančiča“, а Имери ќе изведе дела од Де Фаља, Момпу, Равел, Бизе-Хоровиц. Организатор на настанот е уметничката организација „Cristoforium“, во соработка со Културно-информативниот центар на Македонија во Загреб.
На 4 декември, пак, Имери се враќа во Скопје, каде што во Камерната сала на Филхармонија, заедно со македонската истакната диригентка Дијана Имери Илкоска, ќе го реализираат долгоочекуваниот проект „Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“.
Станува збор всушност, за концерт на ИД Камерниот оркестар, предводен од маестра Имери Илкоска, на кој како солист на пијано настапува Дино Имери. Мошне атрактивна и комплексна програма, заокружена во звучно-поетска обланда преку изведба на Концертот за пијано и оркестар бр. 2 во f-moll и други дела на славниот романтичар Фредерик Шопен. Настанот е поддржан од македонското Министерство за култура, како и од Амбасада на Полска во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.