Во срцето на Струга, на само неколку метри од чаршијата, амамот во многу лоша состојба ја покажува лошата слика на градот, но и на државата за негрижата на културното наследство. Иако одамна е прогласен за споменик на културата, тој е непознат за стружани и за посетителите, а до скоро беше и невидлив, скриен меѓу објекти.Некогашниот амам што во превод од турски значи бања, каде мажите и жените од сите националности оделе да уживаат во своето слободно време, поради заплеткани имотно-правни односи е оставен на „забот“ на времето и чека институциите да најдат начин за негова реставрација.
Охридскиот Завод и музеј, под чија закрила е објектот од 2005 година, е свесен за неговата лоша и руинирана состојба.
Тања Паскали Бунташеска, конзерватор-советник при НУ Завод и Музеј Охрид вели дека институцијата немала пристап да направи соодветна документација, но по преземањето од страна на ИВЗ биле отстранети и дел од дивоградбите.
Ние како институција ќе се обратиме до Национален конзерваторски центар да ни ја достават целокупната документација која ја поседуваат за амамот, па врз основа на тоа да видиме што поседува, би направиле и нова документација и елаборат за ревалоризација со режим. И понатаму следува изработка на конзерваторски проекти и конзервација на амамот, вели Паскали Бунташеска.
Овој објект, којшто е под закрила на Завод и музеј – Охрид, е предаден на владение на Исламската верска заедница во Струга, од каде информираат дека неодамна го откупиле дворното место, кое некогаш било ваковско, но државата го подарила на приватно лице, кое потоа го продало на трет сопственик. Струшкото муфтиство почнува да ја отплеткува пајажината во која е заробен овој монументален објект.
Имотно-правните односи сега се во постапка на решавање, односно префрлање на сопственоста на Исламската верска заедница. Дворот, кој беше куќа што ја користел човекот што го одржувал амамот, а тој ја продал на трето лице, е исчистен и во соработка со Завод и музеј – Охрид и донатори ќе се направи проект за реставрација на амамот, појаснува Јакуп Ќазимоски од Струшкото муфтиство при ИВЗ.
Тој се надева дека во скоро време ќе се најдат средства и турскиот амам во Струга ќе биде повторно во служба на сите граѓани, но и туристичка атракција во градот.
Нашата желба и цел е амамот да се реставрива и да биде во функција на сите граѓани. Сакаме да биде отворен за јавноста, а доколку дозволат условите би го направиле да му служи повторно на населението како амам, вели Ќазимоски.
Пред неколку години, турската Агенција за соработка и координација –ТИКА сакала да интервенира, но поради нерасчистените имотно-правни односи немале пристап до објектот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.