На 7 ноември 2024 година, со почеток во 20 часот, уметникот Никола Пијанманов ќе ја отвори својата самостојна изложба „Вечнеење“, во салоните Империјал 1 и 2 на Културно-информативниот центар во Скопје. Изложбата е резултат на тригодишно истражување за фигурата на човекот „кој чека“ – мотив што го истражува човекот заробен во лавиринтот на модерниот свет, наспроти прекрасната природа како единствено прибежиште.
„Вечнеење“ ги обединува делата преку тема на осаменоста, беспомошноста и нескротливото чувство на неслобода што го опкружува човекот во современото либерално општество. Пејзажите и фигуративните композиции на Пијанманов ги рефлектираат состојбите на исчекување и неволји – човекот пред ѕидот на транзициите, корумпираните системи и општествениот распад. Делата отвораат и друг поглед: наспроти овој „суров“ свет, природата претставува контраст и искра на спас, каде човечката фигура се појавува како елемент на смиреност и екстаза, создавајќи мистика и восхит во симбиозата со природата.
Рецензентот Емил Ниами, во текстот за каталогот на изложбата, ќе забележи: „За Никола сликањето не е само процес, туку начин на живеење. Тој не слика – тој го живее сликањето, претопувајќи ги своите мисли и чувства во секое платно.“
Изложбата ќе биде поставена во двата салони на Културно-информативниот центар во Скопје, каде посетителите ќе можат да ја доживеат уникатната перспектива на Пијанманов за човекот, неговата борба и надеж, преточена во креативна визуелна изведба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.