На 5 септември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе бидат отворени самостојни изложби на младите уметници, Серхат Емрулаи и Наџа Крачуновиќ, добитници на наградата „Најуспешен автор и дело“, која им беше доделена минатата година на 14.Меѓународно биенале на млади уметници – „Будења“.
Куратори на изложбите се Ива Димовски, Бојана Јанева и Никола Узуновски.
Наградата се состои од самостојна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје, која се доделува на двајца автори за нивните дела.
Младиот уметник Емрулаи, на минатогодишното Биенале победи со инсталацијата „Помеѓу“, а младата уметница Крачуновиќ е добитник на наградата за видео перформансот „Хидра“.
Наџа Крачуновиќ на 5 септември ќе се претстави со самостојна изложба „Во име на мајка, во презиме на татко“ и со перформанс во живо „Во твое име“. Текстот за перформансот го потпишуваат Наџа Крачуновиќ и Ивана Маричиќ, која и учествува во самата изведба. Костумите за перформансот се на Луна Шаламон и Валентина Венцел.
Таа го испитува музејот како радикално место, каде традицијата се среќава со современиот живот на бракот, како отпор, наместо социјална норма, и меѓугенерацискиот однос мајка-ќерка. Крачуновиќ се занимава со женското наследство од двата родители и нуди стратегии за опстанок во патријархалните општества, кои го третираат актот на бракот, како акт на отпор.
Наџа Крачуновиќ (Србија, Белград, 1996) е мултидисциплинарна уметница која живее и работи во Вајмар, Германија, каде што дипломирала на магистерската програма „Јавна уметност и нови уметнички стратегии“. Комбинирајќи ги медиумите, Крачуновиќ создава дела, специфични за локацијата и контекстот, користејќи измислени наративи, хумор, раскажување, перформативна поезија и сопствениот глас, кои се присутни во нејзините видео перформанси, звучни дела, објекти и писанија. Нејзините дела се занимаваат со секојдневната фикција, како и со просторите и телата што се дел од неа: индивидуални тела, женски тела, алтер его; сцени на јавни простори; и различни општествени конструкти и појави. Со искуство во театарот, креира доживувања што ја водат публиката во светот на протагонистот, секогаш имајќи слатко-горчлива нота. Покрај самостојни изложби во Србија и Германија, Крачуновиќ има изложувано на преку 30 групни изложби низ Европа, а нејзините дела биле изложени во музејот Баухаус во Вајмар и уметничките колекции на Кемниц. Учествувала во многу интердисциплинарни уметнички проекти и работилници, меѓу кои и AirR Free Radicals на Пловечкиот универзитет во Берлин и работилницата Heritage for Communities DAAD (Наследство за заедниците ДААД) во Каиро, Египет. Во 2022 година, таа учествуваше во Документа 15 во рамките на Cooking Conflicts Collective во Касел и на младинското биенале во Белград со „Носталгија по иднината ФМ“, имагинарна, бескрајна радио-станица која ја основа во 2021 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.