Само со љубов беше направено ова што го наградивте. Татка, џам свиткавме! – рече синоќа Дамјан Цветановски, актерот на Драмски театар Скопје кој за ликот на Кристофер, во претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ ја доби наградата најдобар актер на штотуку завршниото 57. издание на Македонскиот тетарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Радосни, емотивни и благодарни беа сите наградени театарски уметници кои дојдоа во Прилеп по своите признанија. Најбурни аплаузи и овации од публиката во салата доби Цветановски.

Цветановски им се заблагодари на фестивалот, на жири комисијата, на неговата матична куќа.

Им благодарам на целиот тим на Драмски театар што сакавме да направиме нешто значајно и мислам дека во некој дел од тоа успеавме. И благодарам на режисерката Зоја Бузалковска што ми ја даде оваа одговорност и имаше храброст да ми ја укаже оваа прилика и да не се плаши за тоа што ќе направиме заедно. Да се заблагодарам на мајка ми, брат ми и на крајот да му се заблагодарам на човекот кому ја посветувам оваа награда – Владе Цветановски – Каначката, човекот што ме вдахнови со оваа љубов што ја имам за театарот, само со љубов беше направено ова што го наградивте. Татка, џам свиткавме!, рече Цветановски.

За наградите одлучуваше меѓународното жири во состав на: Јанко Љумовиќ, претседател, Милош Латиновиќ и Мирослав Мики Радоњиќ, членови.

Наградата за најдобро остварување на фестивалот ја доби Народниот театар од Битола за „My Name is Medeja“ во режија на Себастијан Хорват. Наградата ја прими Иван Јерчиќ, актер и директор на театарот.

Ви благодарам за сите. Во Битола многу сакаме награди, се трудиме и работиме многу. Благодарам на жирито, кое беше составено од вистински театарски „тешкаши“ во вистинска смисла на зборот кое ја препозна идејата дека ние сакаме да работиме современ театар што ќе кореспондира со денешницата, ќе биде свеж, ќе поставува прашања – рече Јерчиќ.

За истата претстава, актерката Илина Чоревска ја доби наградата за најдобра женска улога за ликот на Медеја.

Илина Чоревска: Оваа Медеја е млад човек во странска земја кој се соочува со денешни реални проблеми/Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“

Медеја го има само насловот и сите референци што ги носи текстот на Еврипид, но оваа Медеја е млад човек во странска земја кој се соочува со денешни реални проблеми и токму поради тоа е големината на оваа претстава. Среќна сум што ја добив наградата која доаѓа во мој тежок животен период – рече Чоревска.

Осум дена, многу изодени километри, многу нови пријателства, неколку ситни предизвици и полни срца љубов е билансов на годинешниов фестивал.

Се надевам дека ви беше на сите убаво и дека се почувствувавте добредојдени. Ќе ми простите за сите ненамерни грешки имајте ја предвид големата слика, а тоа е успешен фестивал. Се надевам дека ќе имате разбирање дека оваа работа ја учам и дека од срце сакам, навистина, Прилеп да е град театар! – рече Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот „Војдан Чернодрински“ синоќа на доделувањето на наградите на 57. издание во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Ана Стојаноски: Од срце сакам, навистина, Прилеп да е град театар! /Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“

Во чест на наградените, Српското народно позозиште од Нови Сад ја изведе претставата „Последниот балкански вампир“ од Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски.

57. издание на фестивалот годинава понуди богата програма со претстави во официјална програма, проследивме пет претстави од независната продукција што игра домашен автор, дипломски претстави, многу разговори, дискусии за претставите, промоции на книги.

Покровители на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ беа: Министерството за култура и Општина Прилеп.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.