Навистина сум возбудена вечерва особено од повишениот тон на пофалбите. Се прашувам дали тоа навистина го заслужувам, рече писателката Оливера Николова во март 2022 година кога издавачката куќа „Арс Ламина“ го реобјави нејзиното целокупно творештво за возрасни. Десетте тома со 12 реобјавени книги се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“. Тие се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели. 

Оливера Николова, најпозната како авторка на книгата за деца „Зоки Поки“ почина на 88-годишна возраст во Скопје.

Фоајето во Националната опера и балет беше претесно да ги прими сите кои сакаа присустуваат на промоцијата. Ви го пренесуваме говорот на Оливера Николова, објавен во „Република“.

Ние сме тука поради моите книги од кои некои сум ги пишувала речиси пред половина век. Ви благодарам, и благодарам, како што реков, на повишениот тон на пофалбите и искажувањата. Благодарност и за „Арс Ламина“ која ми овозможи да ги видам моите дела за возрасни заедно во вакво убаво издание. Гест, кој во суштина претставува можност за преоценка од една нова генерација на она што сум го создала. Му благодарам и на моето пишување за многу важни заеднички споделувања во мојот живот. Во пишувањето влегов не само млада, туку и несвесна за сопствената незрелост. „Зоки Поки“ е плод на таа невиност. Невиност за незнаење на стапиците на зборовите, а тоа што следуваше потоа, пишувано не само со интуиција и спонтано, туку и со подготовка и со одговорност на тоа што го пренесувам, да кажам тежок збор, ме очовечи. Го прошири и го збогати до невидени размери моето битие, извлекувајќи ги на виделине неговите скриени потенцијали. Пишувањето стана, можам да речам, мој ориентир во животот. И тоа е тежок збор. Го кажувам со голема одговорност. Ориентир. Тоа ми овозможи да ги запознавам луѓето одвнатре за да знам како да ги опишам, а притоа можеби и поважно, како да научам да живеам со нив во реалноста, како да ги прифатам, да ги оправдам и да ги засакам. Ука што во најраната младост секако ми недостасуваше потполно, а која се покажа дека ми е недоволна за личностите за кои пишував и кои морав длабоко да ги запознаам пред да пишувам за нив. Како за која нова книга се определував, како се ширеше и моето тематско интересирање, така се ширеше и опсегот на моите познавања од животот, неговата многусрдност, а потоа и моето однесување меѓу луѓето. Така пополека ја освојував сопствената зрелост, со тоа и сигурноста меѓу зборивите кои ги искажуваат нашите мисли. Се разбира, им благодарам и на моите долги години што ми дадоа шанса за поправање на грешките. Многу сакам овие зборови, како што гледате, да не се однесуваат за моите дела, туку за мене. И многу сакам да верувам дека постои шанса да го засакате тоа што сум го создала и во моите искуства да пронајдете одговори и за себе, кажа тогаш Николова во обраќањето.

Оливера Николова е раскажувачка, романсиерка и драмска писателка родена во Скопје во 1936 година. Се школувала во Струга и во Велес, а дипломирала на Филолошкиот факултет, група Југословенска книжевност, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работела како драматург-уредник во емисиите за деца и во драмските програми за возрасни на Радио и на ТВ Скопје. Пишува за деца и за возрасни. Има објавено десет романи и три збирки раскази за возрасни, 17 книги за деца и сликовници, меѓу кои: „Зоки Поки“, „Девојките на Марко“, „Мојот звук“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“ и други, како и многубројни театарски, телевизиски и радио-игри.

За својата работа има освоено многубројни награди, меѓу кои: Наградата на РТВ Скопје и Струшките вечери на поезијата во 1966, 1975 и во 1978 година, наградата „Младо поколење“ (1978), Змаевата награда за 1983 г. за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца, наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија во 1983, 1998 и 2015, „Рациново признание“ за 2000 г. за „Адамовото ребро“, роман на годината на „Утрински весник“ за 2004 г. за „Куклите на Росица“, роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“ за 2019 г. за „Песот со тажен поглед“.

На промоцијата се обратија академик Катица Ќулавкова („Вежби за Ибн Пајко“), Јелена Лужина („Збогум Вано, Ванке…“), Никола Гелевски („Белиот чад“), Елизабета Баковска (поговор за „Куклите на Росица“), Гоце Смилевски („Пешаци по црни полиња“), Румена Бужаровска („Куќичка“), Владимир Мартиновски („Тромбот“), Калина Малеска („Адамовото ребро“), Владимир Јанковски („Лева комора“), а видеообраќање имаа: Кица Колбе (поговор кон „Тесна врата“) и Давор Стојановски („Песот со тажен поглед“).

Модератор на настанот беше уредничката на едицијата, Оливера Ќорвезироска, која го напиша и поговорот за „Кадифената покривка“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.