Вчерва во 19 часот на сцената на Театар за деца и младинци – Скопје е премиера на претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“, на светски познатата авторка Астрид Линдгрен, а во режија на гостинот од Чешка Република, Јакуб Максимов. Станува збор за текст што до сега не е поставуван во форма на театарска претстава за деца во Македонија.

„Роња од Астрид Линдгрен е навистина ќерка на еден ограбувач – таа е дива, своеглава и од ништо не се плаши. Приказната за неа е полна со акција па затоа природно ни дојде да ја адаптираме во куклена претстава со многу ритмични и музички секвенци. Додека таа расте, доживува многу пресвртници. За едно такво дете, природно е што некои од нејзините сознанија ќе бидат малку поразлични од начинот на кој размислуваат нејзините родители“, вели режисерот на претставата, Јакуб Максимов.

Драго ми е што имав можност да работиме со овие актери, со оваа екипа. Беше голем предизвик но нивниот влог е голем. И покрај технички пречки на еден минималистички начин успеавме да изградиме еден посебна приказна и тоа многу ми се допаѓа. Им благодарам на сите, на овој театар и го потенцирам влогот на Ангела Димитрова која се гледа дека актерка во вистинска смисла и одлично ја изведе својата дополнителна задача. Свири на виолина и ги води своите колеги во пеењето и одржувањето на ритамот, изјави Максимов.

Според директорката на театарот, Катарина Илиевска Силјановска претставата ќе донесе оригинална свежина во репертоарот. Во самата претстава актерите играат, водат кукли, пеат, свират и колективно создаваат едно оригинално сценско дело.

„Да кажам дека Јакуб Максимов, кој дипломирал и магистрирал на ДАМУ, академијата за драмски уметности во Чешка, беше поканет прво да одржи работилница во нашиот театар, а потоа и да ја режира претставата Роња, ќерката на ограбувачот според истоимениот роман на Астрид Линдгрен позната по Пипи Долгиот Чорап. Чест ни е и задоволство да сме домаќини на авторска екипа Јакуб Максимов, Лазар Новков (композитор и корепетирор) и Олга Зјебинска (сценографка, дизајн на костим и кукли, изработка на кукли). Секој ден дишеме и живееме со оваа претстава и кога легнуваме и кога стануваме, истакна Катарина Илиевска Силјановска, актерка од претставата и директорка на театарот.

Драматизацијата за претставата е на Горјан Милошевски.

„И покрај тоа што има ограбувачи и во самиот наслов на ова дело сепак е приказна што во голем дел се фокусира на две необични детства. Тие две деца покажуваат колку е битно да се градат и оддржуваат „мостови“ во животот. Екипата е меѓународна и тоа дава сосема поинаква слика, спој од германска прецизност што постои кај Јакуб и балкански дух кај македонскиот дел, вели Милошевски.

Во претставата играат: Матеа Јанковска,Ангела Димитрова, Никола Наковски, Катарина Илиевска – Силјановска, Петар Стојанов, Мики Анчевски.

Јас долго време не сум изведувала композиции на виолина и ова беше навистина предизвик, но драго ми е што носи ете ваков резултат. Интернационалниот состав навистина носи еден поинаков резултат и подобар. Во претставата се користат автентични методи, со помош на прсти и раце и предмети создаваме различна атмосфера: невреме, дожд итн. Речиси секој елемент е дел од приказната и вклопен во дејствието, вели актерката Ангела Димитрова.

Сценографијата е авторско дело на Олга Зјебинска од Полска. Композитор и корепетитор е гостинот Лазар Новков (Србија).

Првата реприза е закажана за 27 декември 2022.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.