Од 1 декември (четврток) до 11 декември (недела) – Кинотеката, во соработка со Амбасадата на Чешката Република – организира голема рертоспектива на легендарниот чешки режисер и глумец Јиржи Менцл (Jiří Menzel). Оваа ретроспектива ќе биде отворена со филмот СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ (Ostře sledované vlaky / Closely Observed Trains), дебитантски долгометражен игран филм на Менцл (1938-2020), со кој освои „Оскар“ за најдобар странски филм во 1967 година.
До 11 декември, во термините од 20:00 часот, во кинотечната сала ќе бидат прикажани уште осум наслови на Јиржи Менцл: СТРИЖЕНО-КОСЕНО (Postřižiny / Cutting It Short), ЛАСТОВИЧКИ НА ЖИЦА (Skřivánci na niti / Larks on a String), омнибусот БИСЕРИ НА ДНОТО (Perličky na dně / Pearls of the Deep) во кој Менцл е еден од четирите автори, СНЕЖEН ФЕСТИВАЛ (Slavnosti sneženek / Snowdrop Festivаl), СЕЛО МОЕ МАЛО (Vesničko má středisková / My Sweet Little Village), КРАЈОТ НА СТАРИТЕ ВРЕМИЊА (Konec starých časů / The End of Old Times), ПРЕКРАСНИ ЛУЃЕ СО КАМЕРА (Báječní muži s klikou / Those Wonderful Men with Crank) и САМОТИЈА ВО ШУМАТА (Na samotě u lesa / A Cottage Near the Woods).
„Не можеш, брат, да се бориш против сила што не ја знаеш и не ја гледаш“, велеше Кудуз, главниот лик во истоимениот филм КУДУЗ на Адемир Кеновиќ од 1989 година. А можеш ли, и како, да се бориш бориш против силата што ја гледаш? На пример, ако таа сила најчесто е некој недемократски, тоталитарен режим?
Одговори на ова прашање има многу, но едно од нив има посебен „шмек“: се работи за хуморот во чешка верзија, кој обилно го користеа писателите и режисерите во некогашна Чехословачка во периодот од завршетокот на Втората светска војна па до падот на Берлинскиот ѕид и распадот на СССР, во чија геополитичка орбита принудно гравитираше оваа земја.
Со должната почит кон дузина автори од чешкиот „нов бран“ – од средината на шеесеттите па сè до крајот на осумдесеттите години од минатиот век – се чини дека филмовите на Јиржи Менцл, чија честа сценаристичка предлошка се литературните дела на Бохумил Храбал, се најдобар пример на тој луциден хумор со кој се рушат тоталитарните бастиони. И тука не се работи само за комунистичкиот режим во Чехословачка. Барем според книгите и филмовите, меѓу кои најпластичен пример е романот „Името на розата“ (1980) на Умберто Еко и истоимената екранизација (1986) во режија на Жан-Жак Ано, смеата била прогонувана уште од најстарите државни уредувања, од античко време па до ден-денес. Затоа кај Еко и Ано се актуелизира случајот со изгубениот спис на Аристотел „За комедијата“ и зошто останал непознат за човештвото: смеата е најголемиот кошмар на тирани(и)те.
Кај Менцл, таа борба со помош на хуморот можеби не е директно брцнување прст во „окото на тоталитарната власт“, туку потег кој може фигуративно да се опише како потсмешлива иронична интервенција, во стилот на цртање мустаќи или големи уши на иконичните слики на големите диктатори. Додуша, Хитлер и Сталин веќе имаа мустаќи – па во борбата со првиот јунак од СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ мораше да ја подметне главата – но Менцл им ги „црташе мустаќите“ на нивните наследници…
Менцл знаел и да склучи пакт со властодршците од тогашниот комунистички режим за да може да снима, во одреден период снимал „неполитички“ филмови, но одново му се враќал на неговиот стил со кој остана препознатлив во чешката и светската кинематографија.
Завршил режија на прочуената академија ФАМУ во Прага, кај професорот и режисер Отокар Вавра. По СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ, снимен според истоимениот роман на Бохумил Храбал (Bohumil Hrabal), започнала плодната соработка со култниот писател. Меѓу другите наслови, Менцл го сними и филмот МУ СЛУЖЕВ НА АНГЛИСКИОТ КРАЛ, според прозата на Храбал.
Во 1969 го сними филмот ПТИЦА НА ЖИЦА, кој беше забранет до 1990. Таа година филмот беше прикажан на Берлиналето и ја доби наградата на филмската критика ФИПРЕСЦИ, а Менцл рамноправно ја сподели главната награда „Злетна мечка“ со Коста Гаврас (за филмот МУЗИЧКА КУТИЈА).
Во кинематографскиот опус на Менцл се забележани 20-ина наградувани наслови. Менцл по вторпат бил номиниран за „Оскар“ во 1987 година, за филмот СЕЛО МОЕ МАЛО, а во 2003 година ја доби и Наградата за посебен придонес во филмот – на фестивалот во Карлови Вари. Глумел во повеќе од 80 филмови, а познат е и по неговите поставки на театарските сцени во Чешка и светот.
Во 2000 година Менцл беше гостин на промоцијата на неговата книга преведена и објавена на македонски јазик во Скопје, каде што ја прими наградата за животно дел на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Во 2009 г. Јиржи Менцл беше гостин на Кинотеката и беше прогласен за Doctor Honoris Causa на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА (денешен Еуропа прима) во Скопје. Церемонијата се одржа во киносалата на Кинотеката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.