Новата сликовница на познатиот македонски сликар, илустратор и автор на книги за деца Ване Костуранов, со текст на српската авторка Ана Торма – „Рекичето што сакаше да порасне“ беше промовирана вчера (петок, 6 мај), за време на Саемот на книгата. За пловноста на приказната на македонски јазик придонесе Бисера Бендевска. Заедно со уредничката и промоторка на книгата – Оливера Ќорвезироска, таа пред присутните на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ го раскажа процесот на создавање и превод на книгата, што во првична верзија била напишана на српски јазик. Сепак, првото издание е на македонски јазик и е објава на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Ќорвезироска и Бендевска истакнаа дека „Рекичето што сакаше да порасне“ е нежна лирска алегорија за дете кое е нестрпливо да порасне. Во својот прв книжевен текст Ана Торма прави симпатична, симболична „замена“ на дете со рекиче и на мајка со река. Така, малите читатели полесно ќе се идентификуваат со приказната и ќе станат свесни дека сè во светот (и животните и растенијата…) е еден вид одраз на луѓето, поточно на растењето, на созревањето и на заминувањето на луѓето, како животен циклус.
Малкуте одбрани зборови на Торма, многуте препознатливи илустрации на Костуранов и необичниот формат на сликовницата што со своето вертикално отворање оддолу нагоре (наместо вообичаеното хоризонтално оддесно налево) и самата потсетува на река, создаваат една топла приказна што потекува низ детскиот свет првин тивко како поточе, потоа сè пожуборливо како планинска река; првин како нежно синило, потоа како богат колорит. Стравот, неизвесноста, но и радоста од растењето на рекичето-дете се предадени со богата емоционална палета на зборови и бои – подвлече уредничката.
Рекичето на Торма и на Костуранов не е рекичка, како што вообичаено ги викаме малите реки. Таа е рекиче и со оваа зборовна финеса, со нетипичниот деминутив, се остварува дополнителна милост. Се онеобичува необичното, се намалува малото, се разнежнува нежното,.. но и се подвлекува индивидуалноста како битен патоказ во развојот на децата.
Ова е петта книга за деца од Костуранов, во издание на „Арс Ламина“, по „Sвездено дете“ (2018), „Девојче и мече“ (2019), „Девојчето и градот“ (2020) и „Мирко Немирко“, со текст на Ана Ѓокиќ (2021). На промоцијата на новата книга тој рече дека покрај тоа што на децата преку книгите треба да им се пренесе порака, важно е делата да им пренесат и сенс за култура и уметност.
Убавината на оваа книга е тоа што таа е повеќеслојна и има неколку важни пораки – дека сè е менливо и во постојано движење, па дури и кога тоа не е видливо, растењето на секое живо суштество и животниот циклус од раѓање – до смрт, надминувањето на нашите најголеми стравови со поддршката од нашите најблиски, како и едукативниот момент со водниот циклус во природата… При работата на сликовницата беше тешко да се замисли и да се претстави реката како главен лик во приказната, затоа што реката е во постојано движење и постојано се трансформира. Важно беше да се долови севкупното чувство што се провлекува во книгата, дека, освен водата, која постојано ги менува облиците, всушност сè што е живо е во постојан процес на менување. Најчесто, текстовите што се голем предизвик за илустрирање се и дополнително инспиративни, бараат поголема посветеност, но нудат поголема уметничка слобода и креативност – рече тој.
Објасни и дека најтешкиот дел од работата на кој било илустратор и уметник е да успее да изгради препознатлив уметнички израз, да остане автентичен на неговата работа, а притоа да не се повторува…
Знам, звучи парадоксално, но секоја нова книга и секој нов проект на кој работам е нова креативна битка со себеси. Илустрациите за оваа сликовница се цртани на хартија и би рекол дека се најблиску до моето сликарство, а повеќето од нив би функционирале и посебно како слики – рече тој.
Ова е прво вакво авторско искуство на Ана Торма, која потекнува од Србија, а живее во Шпанија и се занимава со застапување автори на интернационалниот книжевен пазар. Иако не беше присутна на промоцијата, Торма им се обрати на читателите преку онлајн-допис.
Го знаете чувството кога се грижите за нешто што уште не се ни случило? „Рекичето што сакаше да порасне“ е приказна за препреките што изгледаат невозможни и за нивното совладување. Една рекиче, кое уште не станало река, оваа пролет по првпат ќе потече потполно само. За среќа, околу него има заедница која е негова постојана поддршка… Во текот на пандемијата на социјалните мрежи видов фотографија и краток текст на еден мој пријател, кој зборуваше за реката од неговиот крај, неговото доживување и трансформацијата на реката низ годините. Тој се менувал низ годините, но и реката… или можеби не? Голема љубителка сум на реки. Пораснав на Дунав и сето тоа заедно направи да се замислам и со тоа тргна приказната, рече таа.
Сликовницата „Рекичето што сакаше да порасне“, како и другите книги од Ване Костуранов, се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.