Не се точни информациите дека инспекциските служби не пронашле нелогичности во работењето на оваа продукција, како што се тврди во написите испратени до медиумите преку „Банана филм“, се наведува во денешната пишана реакција од Агенцијата за филм на РСМ, по повод информациите изнесени во јавноста во врска со кривичната пријава за продуцентската куќа „Банана Филм“ и одлуката на Управниот одбор за прекин на проектите на оваа продукција.
Како што е јасно наведено во известувањето и записникот на инспекторатот на Министерството за култура очигледни се нелогичности во работењето на оваа продуцентска куќа за филмот „Врба“. При надзорот констатирани се одредени нелогичности во однос на ангажирањето на „Милкман продукција“, поради што инспекторот не стекна разумно уверување за потребата од ангажирање на „Милкман Продукција“ од Њујорк – стои наведено во записникот од извршениот инспекциски надзор, се појаснува во реакцијата.
Со оглед на тоа дека Министерството за култура не е истражен орган и нема надлежност да постапува, како што се наведува во известувањето, предметот го доставува до Управата за финансиска полиција, како надлежна за натамошно постапување.
Од Агенцијата за филм посочуваат дека во известувањето на СУИН е наведено дека со оглед дека евентуалните неисполнети обврски кон Агенцијата за филм од страна на „Банана филм“ (во однос на проектот „Мајки“ ) би ја довело во прашање законитоста на постапката во одобрување и исплатата на средства за наредните филмски проекти – „Врба“, „Кајмак“ и најновиот „Биста“ со Банана филм – Скопје. Записникот од вонредниот инспекциски надзор од страна на СУИН на Министерството за култура, се вели во соопштението е доставен на запознавање и евентуално понатамошно постапување до Министерството за финансии, Управата за финансиска полиција.“
Уште еднаш сакаме да истакнеме дека стручните служби и УО на АФРСМ, по информациите изнесени во јавност во врска со работењето на оваа продукција, дека истата не поднела завршен финансиски извештај за средства во висина од 55.000.000 денари за филмот „Мајки“ како и низа други неправилности, постапија според нивната законска обврска и извршија увид во документацијата, по што констатираа видно нарушување на процедурите: неподнесување завршен извештај и употреба на исправа-изјава со невистинита содржина, што според законите на РСМ претставува кривично дело. Земајќи ги во предвид овие констатации, согласно своите надлежности Управниот Одбор на АФРСМ имаше обврска да поднесе соодветна пријава до надлежното Обвинителство и да соработува со Управата за финансиска полиција откако до истата управа инспекторатот при Министерството за култура го доставила записникот од извршениот вонреден инспекциски надзор, наведуваат во реакцијата од Агенцијата за филм и додаваат дека сето горенаведено е поткрепено со соодветна писмена документација.
Што се однесува до извештајот на Државниот Завод за Ревизија, чиј текст беше изнесен во јавноста како тврдење за неправилно работење на АФРСМ, потенцирааат дека во него не постои констатација за материјално финансиски недоследности.
Извештајот на ДЗР е во духот на вообичаената пракса при нивниот увид во државните институции, а сите препораки се однесуваат на подобрување на административниот дел од функционирањето на нашата институција, па како таков раководството и УО на Агенцијата позитивно го прифаќа како патоказ за подобрување и поефикасно постапување на институцијата во рамките на своите законски надлежности, појаснуваат во реакцијата од Агенцијата за филм.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.