Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе се разговор со Владимир Илиевски за неговиот роман „Суво мастило“, издание на „Македоника литера“. Модератор ќе биде книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски. Разговорот се одржува во рамките на кампањата „Читаме современи македонски автори“. Клубот на читатели посветен на ова дело е закажан за 29 февруари.
„Суво мастило“ е роман во кој авторот вешто ја користи историјата како моќна, објективна и вистинита книжевна подлога, а истовремено гради субјективен книжевен однос и перцепција кон таа вистинитост.
Опфаќајќи голем временски период таа приказна се плете и расплетува на цврст реалистички принцип, но со голема внимателност на авторот кон фактите и темелноста на историската оправданост. Овој исклучително талентиран прозаист развива прекрасна приказна за еден од најинвентивните личности на раниот дваесетти век, Едуард Пенкала, човекот чие презиме постојано го споменуваме кога ќе изговориме „пенкало“, за човекот кој покрај „пенкалото“ и „сувото мастило“ со кое пишува тоа, во својата листа имал уште осумдесет други пронајдоци без чија функција дури и денешниот, сѐ повеќе виртуелен, 21 век не би можел да функционира – пишува критичарот Сашо Огненовски.
Владимир Илиевски (1970, Скопје) е прозаист, поет и книжевен теоретичар. Дипломира и магистрира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Ги има објавено книгите: Гледач на линија (поезија, 1997), Избор и случајности (поезија, 2000), Мојата лична амортизација (поезија, 2002), Цитатноста во лириката (книжевно-научна студија, 2007), Нема исти утра (поезија, 2008), Ноќна еротска програма (поезија, 2011), Лични податоци (поезија, 2014), Брзината не убива (поезија, 2016) и Пената на црниот бран (раскази, 2018). Дел од творештвото му е преведено на бугарски, хрватски, српски, руски, украински, полски, литвански, италијански и англиски јазик.
„Суво мастило“ е издание на и беше финалист за Роман на годината во 2020 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.