Утре (вторник, 7 ноември) во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“ на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи разговор со Васко Марковски, автор на книгата на месецот „Урбани легенди“.

По повод 13 Ноември, како и по повод 78.роденден, Библиотеката целиот месец го посветува на автори и дела од и за Скопје. Токму затоа и во кампањата „Читаме современи македонски автори“, книгата на месецот е монографијата „Урбани легенди“ од современиот хроничар на градот – Васко Марковски.

Авторот на книгата опфаќа еден широк временски период во истражувањата на урбаните феномени, во неа се споменуваат личности и настани од шеесетите години, па сѐ до 2000 година, кога се затвора култното скопско собиралиште „ЗиЗи (Топ)“. Оние кои го доживеале тој период (или периоди) од животот на градот не без возбуда ќе си ги обноват спомените, а помладите генерации ќе имаат можност, на еден автентичен начин, преку личните сведочења на авторот, но и другите сведоци на времето претставено во оваа книга, да се потсетат на традицијата која самата по себе е влезена веќе во легендите – пишува во предговорот за првото издание на книгата, легендарниот хроничар на Скопје, Данило Коцевски.

Васко Марковски е туристички водич, патеписец и литературен преведувач. Завршил студии по турски јазик и книжевност со чешки јазик и книжевност. Дваесетина години работел како новинар во повеќе медиуми (радио, печат и мултимедија). Во периодот од 2008-2011 бил главен и одговорен уредник на месечникот „Free guide – Macedonia“, а за неговите патеписи е награден со признанието „Најдобар промотор на Македонија“ за 2010 година. Автор е на поетската книга „Корпоративно утро“, на монографијата „Урбани легенди“, збирката репортажи „Непозната Македонија“ и збирката поезија „Скопски улици“. Реализирал изложба на фотографии „Комши камерџик“, од турски на македонски превел повеќе дела, меѓу кои и сто песни од познатиот турски поет Орхан Вели („Риба во шишето ракија“, Антолог, 2014).

Разговорот со Марковски ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.