Вечерва во 20 часот во КСП Центар – Јадро ќе се одржи разговор со Роберт Јанкуловски. Разговорот ќе го води Ана Франговска, кураторка и историчарка на уметност во рамките на иницијативата „Македонски визуелни уметници“ чија цел е да се оствари континуитет во претставувањето на македонската визуелна сцена.

Роберт Јанкулоски е роден е во Прилеп, 1969 година. Дипломирал на факултетот за Драмски уметности во Скопје на катедрата по камера во 1996. Магистрирал во 2011 на Универзитет за аудиовизуелни уметности – ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк во Скопје. Основач е на Македонскиот центар за фотографија, 2000 година. Реализирал 36 самостојни изложби и учествувал на голем број групни изложби насекаде во светот. Добитник е на неколку награди од областа на визуелните уметности и филмот, добитник на државната награда „23 октомври“ за остварувања во културата и уметноста, како и носител на титулата Витез од областа на уметноста и книжевноста, доделена од Министерството за култура на Франција. Во моментов е редовен професор на Факултетот за филмски уметности при Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје.

Јанкулоски е еден од најзначајните претставници на македонската современа фотографија, кој ја користи фотографијата во сосема нов контекст. Она што го вбројува Јанкуловски во оваа селекција на користење на транстактики, покрај неговите мошне важни проекти во кои се преплетува уметноста со политиката, социологијата, антропологијата, екологијата итн. е неговата директна поврзаност со оформувањето на Македонскиот центар за фотографија, но и неговата умешност во рециклирање и рекористење на овие стари архивски фотографии, со што неговата уметничка трансдисциплинарна платформа може да се дефинира и како „фотографија како историја на фотографијата“, вели Небојша Вилиќ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.