Проектот „Landscape experience“ на Роберт Јанкулоски (соработник Моника Мотеска) и Националната галерија е избран за официјален претставник на Македонија на 59. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2022 година соопштија од Министерството за култура.

На конкурсот за финансирање проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за учество на Македонија на 59. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2022 година, во организација на „La Biennale di Venezia“ (Венециско биенале), годинава пристигнаа пет пријави. Една од нив не се разгледуваше откако подносителот достави писмено известување дека го повлекува проектот од учество на Конкурсот.

Останатите проекти кои беа пристигнати и разгледувани се: „Божествена пародија“ на Страхил Петровски (Музеј на Град Скопје); „Сите изгубени гласови“ на Филип Јовановски (Младински културен центар – Скопје) и „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ (НУ Музеј на современата уметност – Скопје).

Во образложението на стручната комисија при Министерството за култура се вели дека проектот низ јукстапозиции поставува нови пејзажи, реални, а имагинативни; локални и национални, а сепак универзално препознатливи. Нивните сублимирани сцени, објекти, видеа и просторна инсталација го сугерира односот тело-природа, човек-технологии, човекот како несовршено суштество и негова когнитивна симбиоза со останатиот жив свет и околина. Низ квалитетен материјал и портфолио, авторот и кураторката (Ана Франговска) го развиваат и докрај го објаснуваат проектот како соодветен одговор на темата на Биеналето „Млеко од соништата“.

Венециското биенале на уметноста ќе се одржува од 23 април до 27 ноември 2022 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.