Распродадени се билетите за турскиот краток документарен филм „Помеѓу нежноста и насилството“ на Ширин Бахар Демирел и „Патување пеш“ на македонската режисерка Тамара Котевска со чии филмови се спушта завесата на 15. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во Куршумли ан во Скопје, соопшти организаторот.
Последниот ден на јубилејното 15. издание „МакеДокс“, на 22 август, ќе почне со објавата и доделувањето на наградите „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Наградата за најдобри етички идеи. Врачувањето на наградите ќе се одржи од 20.30 часот, во Куршумли ан, а потоа следат проекциитте на двата филма.
Во рамки на филмската програма, по доделувањето на наградите, ќе се одржи македонската премиера на долгометражниот документарен филм „Патување пеш“ („The Walk“) на македонската режисерка Тамара Котевска. Филмот веќе ја воодушеви светската публика на бројни фестивали, а сега доаѓа и во Скопје.
Документарниот филм „Патување пеш“ го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка што патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, во обид да си најде дом. Тоа е филм за детската невиност и моќта на имагинацијата во време на криза. Раскажувајќи ја одисејата на Амал, преку два континента, ја пренесува судбината на бегалците низ цел свет. Филмот се снимаше две години на територија на повеќе од 10 земји.
Главен продуцент на филмот „Патување пеш“ е една од најнаградуваните британски филмски компании со фокус на документарни филмови, „Греин Медиа“ (Grain Media), македонски копродуцент е „ОХО Продукција“, a филмот е поддржан и од македонската Агенција за филм. Во филмот учествуваат и актерите Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија, кои ја делат истата судбина како огромен број бегалци кои изгубиле сè, вклучувајќи ги своите домови и фамилии, но продолжуваат да бараат засолниште.
По премиерата на „Патување пеш“ на Тамар Котевска ќе следи уникатно осмислен концерт на Дуке Бојаџиев инспириран од филмот. Концертот е поддржан од УНХЦР – Агенцијата на ОН за бегалци. Дуке Бојаџиев е македонски композитор на филмска музика и пијанист. Низ неговата интернационална кариера во светот на филмската музика има соработувано со добитници на Оскар, како Џонатан Деми и Данис Тановиќ, како и со режисерите Тамара Котевска, Рајко Грлиќ и Столе Попов.
Филмска програма на 22 август ќе има и на Плато пред Музејот на Македонија, каде во 20 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Мојата украдена планета“ (Германија / 2024 / 82 мин.) на Фарахназ Шарифи, додека во терминот од 22.30 часот се проекциите на краткиот филм „Помпеја“ (Шпанија / 2023 / 10 мин.) на Марија Кастан де Мигуел и долгометражниот „Да славиме довека“ (Словенија, Италија, Полска, Србија, Австрија / 2024 / 87 мин.) на Маја Доротеја Предлог, кои поради технички проблеми не беа прикажани синоќа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.