Распродадена е премиера на операта во четири чина „Трубадур“ на Џузепе Верди, со која вечер во Националната опера и балет ќе бидат отворени 52. Мајски оперски вечери. До крајот на месецот фестивалот ќе понуди програма во која покрај оперски дела ќе има и една балетска претстава.

Операта „Трубадур“, опишана како „симфонија на љубовта, одмаздата и судбината“, ја режира Иван Поповски, диригент е Енрико Довико од Италија, сценограф Миодраг Табачки од Србија, костимограф е Марија Пупучевска и кореограф Саша Евтимова.

Во насловната улога ќе настапи тенорот Зоран Сотиров, ликот на Ацучена ќе го толкува мецосопранот Сања Анастасија од Србија. Покрај нив, ќе настапи екипа од домашни артисти: Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Јане Дунимаглоски, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

Национална оперра и белет / фото: Марко Угарковиќ

„Трубадур“ репризно ќе биде изведена на 11 мај кога во екипата ќе има странски солисти (Канада и Чиле), а диригентот ќе биде домашен (Иван Еминовиќ).

Од НОБ на прес-конференција минатата недела соопштија дека подготвиле ексклузивна програма која, покрај премиерата и репризата на „Трубадур“, ги има и балетот „Заспаната убавица“ на Чајковски (15 мај) со диригентот Најер Нагуи од Египет и солисти од Бугарија, операта „Валкира“ на Вагнер на 18 мај, со која ќе гостува Софиската опера и балет, што ќе биде и прва изведба на ова Вагнерово дело на нашата сцена.

Во годината посветена на Џакомо Пучини ќе биде изведена операта „Тоска“ (23 мај) со Весна Ѓиновска-Илкова во насловната улога, домашна екипа и гости од Србија и Романија. Новина за овие „Мајски оперски вечери“ е изведбата на камерна опера – современа а капела опера „Свадба“ со која на 28 мај ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана.

Традиционално, „Мајските оперски вечери“ ќе завршат на 31 мај со Вердиевата „Аида“ со солистката од Австрија Моника Медек во насловната улога и гости од Кина, Италија и Бугарија во екипата, во која е и нашиот бас Игор Дурловски. Диригент на „Аида“ ќе биде Нимрод Дејвид Фефер од Израел –диригент во престижната опера „Метрополитен“ во Њујорк.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.