Срцето на македонскиот идентитет – дијалектите, во дигитална форма стигнаа во 14 водоотпорни и огноотпорни куфери од Архивскиот дата центар „Инбокс“ (Inbox) до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, зачувани се и на безбедно место во наредните 500 години години. Благодарение на проектот за дигитализација на картотеките на Институтот, документите веќе нема да се чуваат во кутии и во плакари. Вработените и научниците нема да имаат потреба рачно да ги листаат картотеките, туку ќе си ги симнуваат од компјутерски фолдери.

Дваесетина вработени од фирмата која постои од 2011 како иновативен модел за архивирање и управување со физички и електронски документи, точно една година внимателно и со високо ниво на безбедност работеа на скенирање и архивирање на ракописите каде е содржан целиот дијалектолошки и ономастички материјал на македонскиот јазик собиран со децении на терен.
Станува збор за проект на Министерството за култура и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), кој го изработи „Инбокс“.

Проектот почна лани, кога го најави тогашната министерка за култура Ирена Стефоска, и по точно една година од преземањето на првите документи на 30 декември 2021, вратени се во дигитална форма на 29 декември 2022.

Дигитализирани се 12 збирки, од кои излегле околу 4,5 милиони страни. Збирките се дигитализирани на микрофилмови, сместени во куфери, кои штитат од вода, прашина и од пожар, и кои ќе овозможат заштита без разлика на просторот каде се чуваат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.