Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, евроамбасадорот Дејвид Гир и градоначалникот Тони Коњановски, вечерва во Битола присуствуваа на свечено отворање на реконструираниот простор – пацио, кое е во состав на НУ Завод и Музеј-Битола.

Во изминатиот период институцијата изврши инфраструктурни зафати во овој дел од објектот каде што се поставени нова инсталација, одвод, гранитни плочи и коцки, но и пристапни рампи за лица со попреченост, истакна министерката Костадиновска Стојчевска и додаде дека просторот сега е претворен во лапидариум каде што се поставени 15 мермерни скулптури со соодветно осветлување кои досега не биле презентирани пред јавноста, како и споменици од различни временски периоди откриени на Хераклеја и на други наоѓалишта.

-Морам да истакнам дека станува збор за уште еден успешен проект што Заводот и музеј Битола го реализира со грант од ИПА-програмата во рамките на проектот „Смарт фор ју ту“ (SMART4YOU2), кофинансиран од страна на ЕУ и Министерството за локална самоуправа.

Целта на проектот е афирмација на културните вредности што ги поседува регионот со прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Албанија, а тоа ќе придонесе за зацврстување на културната соработка, како и за развој на туристичките потенцијали меѓу општините Битола, Корча и Пустец.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.