Во понеделник(25.11) со почеток од 20 часот во Младинскиот културен центар Скопје ќе се изведе првата реприза на претставата „Хинкеман“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска а во продукција на Театар „Златен Елец“ и Фестивалот МОТ.

Претставата „Хинкеман“ е работена според анти-воената и експресионистичка драма (Der deutsche Hinkemann, 1923) на Ернст Толер чија најголема инспирација бил актуелниот историски контекст и времето во кое создава. Текстот се обидува да ја пренесе духовната ситуација на народот и истовремено бара правда и подобра иднина со цел да се исправи кривата сликата на тогашното општество. Во текстот на Толер се препознаваме и денес, а со тоа треба да се запрашаме дали воопшто нешто се менува во длабочината на човечкото однесување. Овој текст е своевидно истражување на бруталните сили што управуваат со нашиот свет – војните, социјалните неправди и немилосрдните системи на економска моќ што ја ловат работничката класа. „Хинкеман“ е како огледало на нашето општество изградено на суровост, пари и предрасуди, а оние кои се различни на било кој начин, секогаш, во било кој историски контекст се исмејувани или отфрлени од толпата.

 

Хинкеман, нè охрабрува да го видиме светот низ очите на оние кои се маргинализирани и дискриминирани и дава порака за разбирање, емпатија и заедништво. Низ неговото патување, се потсетуваме дека секој поединец, без разлика колку е скршен или различен, заслужува достоинство и сочувство. Oва е повик да се изгради општество кое им помага на луѓето наместо да ги турка на маргините – општество каде емпатијата е извор на сила, трансформирајќи ги не само поединците, туку и светот околу нас. – вели режисерката Тамара Стојаноска.

Во претставата играат: Бобан Алексоски, Талија Настова, Дритон Вејсели, Ане Блажовски, Леонида Гулевска и Бранко Михајлоски, музиката е на Лука Тошев, дизајнер на рекламен материјал е Бојана Цилевска а фотографиите се на Тамара Малкоска и Александар Ристовски.

 

Оваа копродукциска претстава со фестивалот МОТ е резултат на наградата „Биш“ на Театар „Златен Елец“ за претставата „Кенди“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, која е сеуште активна претстава со вкупно четири награди на различни театарски фестивали.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.