Интерарт културниот центар во соработка и со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје, ја продолжува Националната турнеја на проектот „Простор за разговор“- “Dancing (Talking)Table”. Денес, во 11 часот, во соработка со Женскиот центар за поддршка од Кавадарци и Здружениото за родова еднкаквост „Визија“, ќе оствари средба со учениците од СОУ “Св. Кирил и Методиј” во Неготино. На темата ќе се обратат Благородна Димова, лиценциран психолог и психодрама терапевт, член на кабинетот за психотерапија и едукација „Амигдала“ и соработник во Женски центар- за жени и деца жртви на семејно насилство; Флорида Илиевска, социјална работничка во женскиот центар против семејно насилство и Рисима Рисимкин, уметник и професор, автор на проектот.

Во 17:30 часот во соработка со во соработка со здружението КОРТЕКС од Тетово, ќе се оствари средба со учениците од ОСТУ,,Гостивар” во Гостивар. На темата ќе се обратат Кристина Јованоска – педагог во ОСТУ,,Гостивар” и магистар по менаџмент во обеазование; м-р Небахат Имери – оснивач на ЗПСП Кортекс работи советување и психотерапија со млади и возрасни, вработена во ЈУМЦСР-Тетово и Рисима Рисимкин, уметник и професор.

Целта на овие средби и разговори е преку непосредна комуникација со младите да се детектираат проблемите со кои тие се соочуваат и тие да се запознаат со можностите и начините на справување се разни видови на насилство и родова (не) еднаквост. Да се поттикне и развива толеранцијата и прифаќањето на различностите и да им се отвори патот кон индивидуално дејствување и промена на свеста за овие општествени проблеми.

Во рамки на двата настана ќе се прикаже филмот „Простор за разговор“ во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, музика на Тони Китановски, костими на Благој Мицевски и сценско обликување и светло на Матеа Мијановиќ. Настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Бобан Русески, како и Стефани Шааршмит, Сара Димовска, Клара Христова, Јоана Благадуша, Микаела-Анџела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Ангела Петровска и Стефанија Милевска Враниќ, студенти на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“. Филмот е создаден како сценска рефлексија на истражувањето за односот на општеството кон темата на родова еднаквост и семејно насилиство, со цел да се сврти вниманието на јавноста кон овој горлив проблем.

Националната турнеја на проектот се случува во партнерство со универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, „Националната мрежа против семејно насилство“ и локални партнери од десетте града во Македонија, кои се занимаваат со култура и темата на родово еднаквост и родово базирано насилство.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.