Поезија, музика и јапонски цреши. Улицата Максим Горки денес мирисаше на поезија, на звуковни сентенци, афоризми и лирски минијатури, баш како нерасцутените пупки на дрворедот јапонски цреши… Во присуство на бројни гости, од културната и музичката фела кај нас, беше промовирана новата поетска книга на мајсторот на поетскиот збор, Михаил Ренџов- „Зраци“ во издание на „Метаноја“.

„Штом ќе стасаш до крајот внимавај, таму е бескрајот на речитата тишина… Како на Коневски и Шопов молкот зборува низ искри на огин кој догорува во зраците на тристишија, катрени, октави… Минијатурите на зборот ја носат раскошната поетска имагинација на бардот на македонската поезија, Михаил Ренџов, до вечноста на македонскиот поетски космос… ,,Гледам галеб, летот на галебот ме подмладува и ме радува, па тешкото во мене го дишам и издишувам – сублиматот на Македонија од каде се отвора македонската убавина, како школка која седефот бисер го прави… Поезијата на Михаил Ренџов е цвеќе кое не венее, зрак кој зрачи преку вечноста, подлабоко од длабочината на зборот… Денеска сме побогати за уште една збирка псалми, од нашиот македонски псалмист, Михаил Ренџов…, напиша на Фејсбук, Татјана Алексиќ.

„Најновиот поетски ракопис на Михаил Ренџов е вчудовидувачки екстракт од неговото раскошно поетско искуство. Светлината и топлината од неговата поезија овојпат ги добиваме преку извонредна серија лирски минијатури, елиптични поетски вињети, именувани „зраци“, кажа денес Владимир Мартиновски, еден од промоторите.

„Михаил Ренџов со целиот свој живот, со целото свое творештво и со целото свое битие е автор свртен кон созерцателното и кон аскетското. Тој е поет подвижник, сесрдно нурнат во најголемите длабочини или вивнат во најголемите височини, без притоа да ја „напушти“ оската која е цврсто поставена врз Земјата“, кажа денес теологот Коста Милков, автор на поговорот кон книгата.

Промоцијата беше и музички „илустрирана“ и со виртуозното свирење на Петар Ренџов, синот на Михаил Ренџов, заедно со внуците од другиот син, Павел.

Ренџов, кој има 87 години, денес, призна дека не се надевал дека ќе го дочека овој миг, нова промоција и нова книга.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.