На отворањето на 17. издание на АКТО, фестивал за современи уметности, во Музејот на современа уметност (МСУ) во саботата беше промовирана монографијата „Зборува АКТО! 2006-2020“.

Монографијата „Зборува АКТО! 2006 – 2020“ не е конечната архива за АКТО. Не е конечен поглед на АКТО. Оваа публикација е една архива што очигледно недостига на сцената, не само на фестивалот, туку и на сите општествено-политички случувања во изминатиов период. Таа е еден поглед, особено детален и сериозен, но и еден дискурзивен поглед што треба да отвори ново поле за различни дискусии. Оваа публикација е визуелен, личен и политички есеј за тоа што е АКТО, како и за условите во кои е создаван АКТО. Како некој документ/артефакт што треба да потсетува на значењето на архивирањето, што ќе го закопаме во дворот на Офицерскиот дом и по некое време ќе го најде некој што ќе ископува кога повторно ќе се реновира овој објект, се наведува во описот посветен на публикацијата.

Монографијата на 700 страници, македонско издание и уште толку англиското издание, прави осврт на 15-те години фестивалско опстојување и растење на АКТО, како еден поинаков концепт на уметничко изразување, карактеристично преставување на многуте форми на уметноста низ една уникатна и критичка диоптрија.

На промоцијата на публикацијата свој осврт имаше Елизабета Шелева, теоретичар по книжевност која посочи дека делото е амбициозно и грижливо и дека низ сите страници, поткрепени со сведоштва, се преставува АКТО како дел од драгоцениот културен амбиент. Според неа АКТО е синоним за автентична енергија која не трпи суета и еготрипност.

АКТО започна во Битола, во 2006 година, во градот со граѓанска и конзулска традиција. Незалудно авторите го нарекуваат „воз“ кој создава уметност на релација Битола – Скопје. Неговото создавање е поврзано со „Факултетот за работи кои не се учат“, студентска иницијатива формирана во 2000 година.

До денес, АКТО се надоградува во формата и содржината, но не отстапува од алтернативната уметност, современите текови и идеите да ја „преврти“ уметноста и да ја сервира пред публиката во една нова „амбалажа“, која е секогаш во тек со иновациите и полемиките.

Затоа Биљана Тануровска – Ќулавковски на промоцијата ќе се присети на почетоците на фестивалот кога во стан во Скопје се гледале проекции на филмови, за да поентира дека АКТО е тело кое расте, кое се менува, кое нуди повеќегласие и продуцира нови знаења. За неа АКТО е архива која не е преземена, туку самата создадена, АКТО е самосвесен дом каде се промислува уметноста.

АКТО е гледање уметност и така го градевме својот поглед. Гледавме уметност од секаков вид, уметност која не можеме да ја видиме на друго место. Во стан гледавме филмови, гледавме и перформанси, престави, изложби… Јас се сеќавам како да имавме подвижен дом во Битола, како сите простори да беа наши и како да можевме секаде да се сместиме. Така градевме дом, тоа беше место каде што се среќававме, раскажувавме, слушавме музика, преку ден менувавме барови, по цели денови зборувавме, рече пренесе Тануровска – Ќулавковски.

АКТО е фестивал со мултимедијална платформа и во последние 10-тина години негови креатори се Филип Јовановски, уметник и архитект и Ивана Васева, историчар на уметност.

Свој настап на промоцијата имаше Бранко Шимиќ, визуелен уметник кој работи во Хамбург, Германија, а кој се претстави со визуелна и аудио инсталација „Хусински рудар (моето минато е вашата иднина).

Уредници на монографијата се Ивана Васева и Филип Јовановски. АКТО архивата и техничката поддршка се на Александар Јовановски. Координатор на публикацијата и уредничка поддршка е Владимир Јанчевски. Визуелниот идентитет на проектот „Зборува АКТО 2006-2020“ е на Филип Јовановски, Иван Дургутовски и Александар Јовановски. Визуелниот концепт и графичкиот дизајн на публикација го изработија Марко Ковачевски и Филип Јовановски. Издавач е „Факултет за работи што не се учат.“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.