Книгоиздателството „Ми-Ан“ вечерва во Културно-информативниот центар во Скопје ја промовираше книгата „Сок од простата: јубилејно издание“ од Јован Павловски. Изданието е по повод 85 години живот и 65 години творечка дејност на Павловски – писател, енциклопедист и публицист.

Освен романот „Сок од простата“, во изданието се поместени и критички осврти за творештвото на Павловски од акад. Катица Ќулафкова, проф. д-р Наташа Аврамовска, проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, проф. д-р Гоце Смилевски, проф. д-р Владимир Мартиновски, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, доц. д-р Бобан Карапејовски и м-р Иван Антоновски.

Промоторката на романот проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска истакна дека „Сок од простата“ покажува дека еротизираноста не доаѓа само од постелата, не се случува само во постелата, туку многу повеќе извира од и во социјалното и општествено живеење. Потенцира дека оваа издание е посебно и по тоа што во него се поместени и осум текстови што од повеќе аспекти книжевен, јазичен, културолошки и социолошки го читаат творештвото на Јован Павловски.

За Катица Ќулавкова провокација е да се произнесе за неговото поетско творештво, при што го чита низ призма на неговите митски и историски и поетски слики. Во текстот „Правдата и ѕвездите“ проф. д-р Наташа Аврамовска својот интерес го насочува кон романот „Град, години, луѓе“ од 2019 на Јован Павловски. Таа го чита како запис за будењето во сонот со кој говорат пред сите. Проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева тргнувајќи од фактот дека опусот на Јован Павловски неправедно е подзаборавен од книжевната критика и книжевната наука, решава да ја поправа до некаде оваа грешка и се фаќа со сериозна работа, да го подреди, да го класифицира, но и толкува Јовановите прозни остварувања. Проф. д-р Гоце Смилевски се осврнува на романот „Сок од простата“ кој го квалификува како роман за еросот, отуѓиноста и општествената ентропија. Проф. д-р Владимир Мартиновски вели дека во поетското творештво на Јован Павловски има неколку битни поетички и тематски мотивски пресврти кои се битни како за неговиот поетски пат така и за развојот на современа македонска поезија. Трудот на проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска се надоврзува и се осврнува на најновата стихозбирка на Павловски „Тоа беше само сон“. Таа ја исчитува како своевидна синтеза на неговата шест децениска мошне оригинална и автентична поетска авантура. Доц. д-р Бобан Карапејовски го има за предизвик јазикот и стилот на Јован Павловски, а м-р Иван Антоновски пишува за еден подзаборавен сегмент на творештвото на Павловски, поточно за двете поетски книги за деца, истакна Мојсова-Чепишевска, читајќи дел од критичните осврти од книжевните критичари за творештвото на Павловски.

Јован Павловски е автор на повеќе од 40 книги (поезија и проза и, над дваесет публицистички трудови. Особено е значаен неговиот придонес во македонската енциклопедистика. Тој е уредник и издавач на првата македонска општа енциклопедија. Павловски во три мандати беше претседател ан Друштвото на писателите на Македонија и е добитник на високи литературни и државни награди.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.