Во Филхармонија вечер во 20 часот ќе се одржи концерт насловен „Раат“ – авторски проект на композиторот Џијан Емин со оркестарот на Македонската филхармонија. Концертот е електро-акустичен и претставува премиера на новиот музички проект на Џијан Емин, кој воедно ќе застане и зад пултот со оркестарот на филхармоничарите.

„Раат“ е мултимедијална приказна раскажана преку несекојдневен третман на звукот обликуван во препознатливиот авторски стил на композиторот Џијан Емин.

Најубавите работи во животот, љубовта, среќата, мирот, разумот, небото, морето, реките, планините, се бесплатни и не можат да се купат. Една од тие убави и важни работи е и раатот кој може да го создадеме исклучиво само ние самите. Раатот не можеш да го купиш, ниту да го излажеш или измамиш, не можеш да го предвидиш, можеш да флертуваш со него, но најдобро е да му се препуштиш потполно. Раатот ќе ти даде сила и љубов кога мислиш дека најмалку ја имаш. Ќе ти даде разум кога најмногу ти треба. Ќе ги намести срцето и душата на своите места. Сите си имаме свој раат, на различни места и во различни нешта, но чувството е исто – раат, велат од Филхармонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.