Промоцијата на првата книга на Ана Василевска „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ која претставува своевиден пресек на состојбите во домашната кинематографија во периодот од независноста на државата, па се до денес, беше проследена од бројни режисери, актери, филмски работници, новинари и љубители и почитувачи на филмската уметност.

На стотини страници книгата дава опис на развојот на кинематографија во период од три децении, не исклучувајќи го влијанието, односно политичките и социолошките фактори врз промените во нашиот филм. Книгата, како што вели авторката, е „посветена на сите сонувачи што ги создадоа темелите на независната продукција и оние што беспоштедно ќе ги градат новите патеки“.

Оваа книга мене ми значи многу од причина што таму се вклучени мемории, опсервации, перспективи на близу триесет години, во кои развојот на филмот во самостојна Македонија некако се поистоветува со мојот личен и професионален развој. Но, оваа книга треба да фрли ракавица кон некои други млади филмски критичари кои ќе треба да ги бележат нештата и да ја забележат другата хронологија што следува затоа што во филмот нештата во последниве години се случуваат со брзина на светлината. Овие три последни години кои не се вклучени во книгата имаме една многу завидна продукција и треба некој да се фати за работа веднаш, а ако не, тоа ќе бидем јас“, рече Василевска.

Во продолжение таа истакна дена неодамна во едно интервју рекла дека „сме можеби мала кинематографија и оттаму тој наслов „Дискретниот шарм на македонскиот филм“, но многу значајна и веќе форматирана, а без кинематографија не може да имаме држава“.

Книгата пред присутните ја претставија режисерите Ана Опачиќ и Даријан Пејовски.

Кога ја добив книгата и ја отворив се почувствував како филмската хероина Амели кога ја наоѓа малата метална кутија и во неа се сите спомени на едно момче. Така и јас се чувствував-како да отворив кутија во која се сите спомени на Ана кои ги собирала сите овие години. Сега кога веќе е објавена книгата, таа не е само на Ана, ова е книга на сите нас кои ќе ја имаме во нашите домашни библиотеки и сметам дека сите луѓе кои се занимаваат, сакаат и се бават со култура би требало да ја имаат во својата домашна библиотека“, рече Ана Опачиќ, која ја промовираше книгата и предложи да се направи превод на англиски јазик и примерок да им се подарува на странските гости кои доаѓаат на филмските фестивали во земјава.

Опачиќ истакна дека книгата е напишана со голема љубов, авторката не критикува во ниту еден момент, туку суптилно отвора теми, дава сугестии за секој читател потоа сам да си ги разоткрие.

Додека ја читав книгата ми се отворија две прашања: Колку лесно се забораваат филмовите, во време кога сме бомбардирани со информации. Кога ја отворив книгата сфатив дека половина од филмовите сум ги заборавил и сите ние многу лесно ги забораваме, така што од тој аспект оваа книга е исклучително важна за нашата култура. Второто прашање беше дека цело време се зборува дека македонскиот филм од независноста на Македонија до денес лута. И ова не го мислам само како критика, туку го мислам како позитивна работа, бидејќи според мене, нема да најдеме пример во ниту една кинематографија во регионот како во македонската.

 

Ако направиме графикон на кинематографиите во регионот, мислам дека нашиот ќе биде најхистеричен, мислам дека нашата кинематографија е полна со контрадикторности и токму затоа излегуваат огромни успеси. За жал, тоа говори дека Македонија нема дефинирана културна политика по прашање на македонската кинематографија и дека проблемот не е кај нас филмаџиите, туку кај луѓето кои во сите гарнитури досега ја водеа културната политика. Бидејќи што се однесува до нас, сме покажале дека имаме успеси какви што нема ниту една земја во регионот- три номинации за Оскар, успеси во Кан и Венеција, но од друга страна, како држава не успеавме да ги капитализираме тие успеси и да создадеме една стабилна кинематографија.

 

Од тој аспект сметам дека е добро секој да ја отвори книгава и да ја прочита и согледа дека проблемот не е во луѓето што творат, туку луѓето кои ги финансираат филмовите“, рече Даријан Пејовски, заблагодарувајќи и се на авторката за се што прави за филмаџиите.

Промоцијата беше проследена со настап на џез квартет во состав: Гоце Стевковски, Дарко Мучев, Филип Динев и Кирил Кузманов. 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.